Државниот секретар на министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу учествуваше на Третата меѓународна конференција за фриленсерство „Freelance is for Freedom”, во организација на Македонската фондација Импакт. На настанот учествуваа домашни и меѓународни експерти кои споделија свои искуства и визии за иднината на фриленсерството и присуствуваа повеќе од 200 фриленсери.
Во своето обраќање пред присутните Сабриу рече дека фриленсерите се луѓе што не чекаат можности — туку ги создаваат. Луѓе кои докажуваат дека талентот нема адреса.
„Можеш да живееш во Битола, Кратово, Струга, Боговиње, а да работиш за Лондон, Берлин, Њујорк или Токио. Тоа е фриленсерството. Тоа е моќта на слободниот труд!“, нагласи Сабриу.
Тој се осврна на постоечките законски можности, недостатоците на системот и заложбите на министерството кое во изминатиот период заедно со релевантните институции, граѓанскиот сектор и поддршка од Европската Комисија, подготви предлог законски одредби и модели на плаќање на придонеси, а со цел влез на нестандардно самовработените лица - фриленсерите во системот на социјално осигурување.
„Во едно општество што се стреми кон напредок, фриленсерите се моторот на новата економија – тие внесуваат свежина, иновација и глобална поврзаност. Поддршката кон нив не е само признание за индивидуалниот труд, туку и инвестиција во иднината на модерното, дигитално општество,“ порача Сабриу.