Денеска се одржа петтата седница на Управниот одбор на проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“ кој има за цел јакнење на улогата на младите во промовирањето на зголемено меѓусебно разбирање, конструктивен наратив, почитување на различностите и градење на доверба.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и Рита Колумбија, постојаната координаторка на Обединетите нации во земјава се ко-претседатели во одборот во кој членуваат повеќе агенции на ООН во земјава - UNFPA, UN WOMEN, UNESCO, UNDP, UN RCO.
Во своето обраќање пред членовите на одборот тој изрази благодарност до сите вклучени во активностите на истиот и искажа уверување за продолжување на партнерската работа во насока на унапредување на условите и можностите за нашите млади.
„Како Министерство за социјална политика, демографија и млади, силно сме посветени на развој на современи и инклузивни младински политики. Но, истовремено сме свесни дека ниту една институција сама не може целосно да одговори на потребите на младите. Затоа е неопходна силна координација помеѓу институциите, граѓанскиот сектор, меѓународниот сектор и самите млади. Во таа насока, Министерството иницира процес за воспоставување на Национално координативно тело за младински политики. Нашата цел е да создадеме функционален и одржлив механизам кој ќе ја зајакне меѓуресорската соработка и ќе обезбеди усогласено креирање, спроведување и следење на младинските политики на национално ниво,“ истакна Лимани.
Тој посочи дека процесот претставува можност за континуирано унапредување на законските решенија, во согласност со потребите на младите и со динамиката на современото општество.
„Проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“ е добар показател дека кога институциите, граѓанските организации и меѓународните партнери работат заедно, можеме да создадеме реални можности за младите и да изградиме поинклузивно општество. Tоа значи создавање програми и младински активности кои се достапни и за младите од руралните средини, обезбедување пристапни простори и содржини за младите со попреченост, како и поттикнување на заеднички иницијативи што ги поврзуваат младите од различни заедници,“ рече Лимани.
На крајот, Лимани изрази уверување дека и денешната дискусија ќе придонесе со нови идеи и препораки кои ќе помогнат во унапредувањето на заедничките напори.