Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Лимани: Превенцијата на насилството кај младите е заедничка одговорност и затоа одговорот мора да биде заеднички, координиран и одлучен

Лимани: Превенцијата на насилството кај младите е заедничка одговорност и затоа одговорот мора да биде заеднички, координиран и одлучен

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, денеска учествуваше на промоцијата на националниот проект за справување со врсничко насилство поттикнато од семејно насилство и родителско занемарување преку образовниот систем, во организација на Министерството за образование и наука.

Во своето обраќање, министерот Лимани ја поздрави иницијативата и истакна дека таа претставува продолжение на заедничките напори на институциите за спречување на насилството кај младите, откако пред два дена беше потпишана Декларацијата за намери за превенција на насилството кај младите.

„Насилството не е предизвик на една институција и затоа одговорот мора да биде заеднички, координиран и одлучен. Борбата против насилството не завршува со потпишување на документи, туку продолжува со конкретни активности, едукација, подигнување на свеста и создавање механизми за навремена превенција“, нагласи Лимани.

Тој посочи дека врсничкото насилство често е последица на подлабоки проблеми како нарушени семејни односи, изложеност на семејно насилство, недостаток на емоционална поддршка, несоодветни модели на однесување и негативни влијанија од дигиталниот простор.

Според министерот, институциите мора да дејствуваат превентивно, уште во семејството, градинките, училиштата, локалните заедници и дигиталната средина, со цел кај децата и младите да се развиваат вештини за комуникација со почит, препознавање на емоциите, ненасилно решавање конфликти и навремено барање помош.

Лимани ја истакна и клучната улога на психолозите и стручните служби во препознавањето на ризиците и обезбедувањето поддршка за децата и младите.

Тој потсети дека Министерството за социјална политика, демографија и млади го предводи процесот на воспоставување на Националната работна група за превенција на насилството кај младите – првиот национален механизам кој системски и сеопфатно се занимава исклучиво со ова прашање.

„Работната група ги обединува институциите, образовниот систем, безбедносните структури, спортските организации, граѓанското општество, меѓународните партнери и самите млади, затоа што само преку широк општествен сојуз можеме да создадеме трајни и одржливи решенија“, истакна министерот.

Националниот проект, кој ќе го координира Министерството за образование и наука, има за цел да воспостави системски и одржлив механизам за рано препознавање, превенција и соодветно постапување при семејно насилство врз деца и нивно занемарување. Проектот предвидува истражување на потребите во училиштата, обуки за психолози и стручни соработници, развој на унифицирани протоколи за постапување, едукативни панели со родители и наставници, како и национална конференција за презентација на резултатите и препораките.

Во неговата реализација ќе бидат вклучени повеќе институции и чинители од образовниот, социјалниот, безбедносниот и здравствениот сектор, со цел зајакнување на меѓуинституционалната координација и создавање функционален систем за заштита и поддршка на децата.

„Нашата визија е јасна – училишта без страв, семејства во кои се негува почит и разбирање, безбедна дигитална средина и општество во кое насилството нема место. Превенцијата на насилството кај младите е наша заедничка одговорност“, порача министерот Лимани.

Мени за пристапност