Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска присуствуваше на презентација на наодите и препораките од Извештајот за проценка на спроведувањето на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030 година, организирана од Министерот без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022 –2030, Шабан Салиу, со поддршка на проектот „Поддршка на европската интеграција на Северна Македонија“, финансиран од Кралството Шведска, Швајцарската Конфедерација и Министерството за европски прашања, а имплементиран од United Nations Office for Project Services (UNOPS) презентирана од страна експерт на УНОПС.
Настанот имаше за цел да го подигне дијалогот на највисоко политичко и дипломатско ниво, преку вклучување на носители на одлуки и меѓународни партнери, вклучително и претставници на Европската Унија, амбасадори, меѓународни организации и донатори активно посветени на унапредување на инклузијата на Ромите.
Во своето обраќање пред присутните, Лимани се осврна на неколку клучни точки на кои министерството работи во континуитет и резултатите од таа работа.
„Образованието е областа каде што бележиме најконкретен напредок. Од 2006 до 2025 година, околу 5.500 ромски деца се вклучени во предучилишното образование, додека во учебната 2025/2026 година се запишани 526 деца на национално ниво. Во 21 општина децата од семејства во социјален ризик се ослободени од партиципација, а во 20 општини се ангажирани образовни медијатори за зголемување на свесноста и поддршката за раното образование,“ информираше Лимани.
Во делот на граѓанската регистрација, тој посочи дека е направен значаен чекор кон остварување на основните човекови права. Од 526 евидентирани лица без документација, околу 450 добиле извод од матична книга на родени, 115 личен документ за идентификација, додека за останатите постапката е во тек.
Во областа на домувањето, министерот истакна дека за првпат државата ќе има Закон за социјално домување, кој во март влегува во владина процедура, со координација од Министерството и широка институционална и меѓународна поддршка.
Лимани рече дека преку ИПА II и со поддршка од Европската Унија се финансирани 5 проекти во вредност од 4,5 милиони евра во 8 општини, за подобрување на условите за домување и инфраструктурата за најранливите категории. Како и дека во тек е подготовка и на нов Договор за услуги во рамките на ИПА 2024.
„Министерството систематски го интегрира родово сензитивниот пристап во политиките за Ромите, во согласност со Стратегијата 2022–2030 и Акцискиот план за ромската жена. Со поддршка на ОБСЕ е изработена Анализа на статусот на ромските жени и Извештај за евалуација 2022–2024. Нашите политики се насочени кон зајакнување на ромската жена, преку адресирање на двојната дискриминација и обезбедување еднакви можности,“ посочи Лимани.
На крајот порача дека ранливиот статус на Ромите бара координиран и долгорочен ангажман од сите вклучени актери – Владата, надлежните министерства, граѓанскиот сектор, како и меѓународната заедница. Како и дека ангажманот сите актери продолжува во насока на обезбедување достоинствен живот за сите граѓани.