Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска во Собранието на Република Македонија се обрати на тема „Правото на независно живеење – од бел стап до пристапна средина“, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на белиот стап.
Во своето обраќање, министерот Велковски ја истакна важноста од континуирано унапредување на правата и можностите на слепите и слабовидните лица, со посебен акцент на нивната самостојност, социјалната вклученост и обезбедувањето соодветна институционална поддршка.
„Нашиот пристап се темели на принципот дека поддршката треба да биде достапна, навремена и соодветна на индивидуалните потреби. Правата утврдени со законската рамка треба да се преточат во конкретни можности за поголема самостојност, социјална вклученост и достоинствен живот на лицата со попреченост“, истакна министерот Ѓоко Велковски.
Во своето обраќање, министерот Велковски ја нагласи потребата од континуирана институционална посветеност и координирана соработка во создавањето услови за независно живеење на лицата со попреченост, истакнувајќи дека пристапната средина, достапните социјални услуги и еднаквите можности се клучни предуслови за нивна самостојност и рамноправно учество во општеството.
Министерството за социјална политика, демографија и млади, во рамките на своите надлежности, континуирано работи на унапредување на системот на социјална заштита, подобрување на пристапот до правата и развој на социјални услуги што одговараат на индивидуалните потреби на граѓаните.
Посебен акцент во обраќањето беше ставен на реформата на системот за проценка на попреченоста, чија цел е проценката да не се заснова исклучиво на медицинската дијагноза, туку да ги зема предвид и функционирањето на лицето, влијанието на средината и потребната поддршка. Со овој пристап се создава основа за подобро препознавање на индивидуалните потреби и посоодветно остварување на правата и услугите.
Во овој процес, особено значајно е учеството на организациите на лицата со попреченост. Во работната група за реформата се вклучени и претставници на Националниот сојуз на слепите, чие искуство и знаење придонесуваат за препознавање на специфичните предизвици со кои се соочуваат слепите и слабовидните лица.
Министерот Велковски се осврна и на унапредувањето на социјалните услуги, посочувајќи дека нивниот развој треба да одговори на реалните потреби на корисниците и да придонесе за нивно поголемо вклучување во заедницата. Во согласност со законските услови, значајна улога во обезбедувањето на овие услуги можат да имаат и организациите на лицата со попреченост, преку својата стручност, искуство и непосредна поврзаност со заедницата.
„Веруваме дека одржливите решенија се градат преку координирана соработка меѓу институциите и граѓанските организации. Затоа, отворениот дијалог, размената на искуства и вклучувањето на лицата со попреченост во процесите што ги засегаат се важен дел од креирањето политики што одговараат на нивните потреби“, нагласи Велковски.
Министерството ќе продолжи со институционалната поддршка на Националниот сојуз на слепите, истовремено охрабрувајќи ги организациите да ги зајакнуваат своите капацитети и да ги користат можностите што ги нуди законската рамка за развој и обезбедување социјални услуги.
Унапредувањето на правата на слепите и слабовидните лица бара континуирана институционална посветеност, меѓусекторска соработка и доследно спроведување на утврдените политики. Министерството останува посветено на развој на достапни и квалитетни социјални услуги и создавање услови за еднакво учество на лицата со попреченост во општеството.
Одбележувањето на Меѓународниот ден на белиот стап е потсетник дека правото на независно живеење подразбира не само соодветна поддршка, туку и пристапна средина, еднакви можности и услови за рамноправно учество во општествениот живот.