Буџетска поддршка за отпорност и справување со енергетската криза
На почетокот на февруари 2023 година, Владата на Република Северна Македонија и Европската Комисија потпишаа Финансиска спогодба за Годишната акциска програма за ИПА 2023 година. Оваа програма предвидува буџетска поддршка на Националниот енергетски акциски план за 2022-2023 година и е дел од Пакетот за енергетска поддршка на Европската Унија за земјите од Западен Балкан финансиран од ИПА III 2021-2027.
Целта на буџетската поддршка на Европската Унија е ублажување на непосредните социо-економски последици од енергетската криза. Воедно, таа ги поддржува структурните реформи во енергетскиот сектор, а особено т.н. енергетската транзиција, вклучително и заштита на ранливите корисници на енергија.
Владата ќе биде поддржана во спроведење на мерките за намалување и спречување на енергетската сиромаштија преку помош на економијата и на ранливите домаќинства и обезбедување непрекината испорака и пристап до основните услуги.
ИПА Годишната акциска програма за 2023 е во вкупен износ од 80 милиони евра.
Програмата е координирана од Министерството за економија.
Министерството за труд и социјална политика учествува во остварувањето на Резултатот 2.2. Зајакнат систем за заштита на најранливите жени, мажи и деца и други корисници од оваа Акција, кој се очекува да опфати над 190 000 домаќинства со право на поддршка за справување со ценовната и енергетската криза.
Во периодот декември 2022 – март 2023, Министерството за труд и социјална политика обезбеди финансиска поддршка за справување со енергетската криза на над 177 000 социјално исклучени граѓани, вклучително и деца, лица кои останале без работа и користат паричен надоместок за невработеност и корисници на минимална пензија, согласно Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза (246/22).
Покрај тоа, 46 000 корисници на правото на гарантирана минимална помош и социјална сигурност примаат паричен додаток за енергенси во периодот на зимските месеци, согласно Законот за социјалната заштита (104/19) и Законот за социјална сигурност на старите лица (104/19).
Севкупно, опфатени се околу 220 000 корисници во ризик и директно преку постојните системи на Министерството за труд и социјална политика, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија се исплатени околу 24 милиони евра.
Документи:
- Одлука на Европската Комисија [C(2022) 9160 од 5.12.2022] за финансирање на Годишниот акционен план кој придонесува за енергетиката на Западен Балкан-Пакет за поддршка на Република Северна Македонија за 2023 година
- Финансиска спогодба – Посебни услови
- Анекс 1 Годишна акциска програма за 2023
- Анекс 2 Општи услови