Министерството за труд и социјална политика остварува интензивна регионална соработка во рамки на имплементацијата на Регионалниот проект ЕСАП (Платформа за економски и социјални прашања), кој го имплементира Регионалниот совет за соработка (RCC) од Сараево. ЕСАП претставува регионален проект, финансиран од Европската унија со буџет од 3 милиони евра, кој заеднички се имплементира од страна на Регионалниот совет за соработка и Меѓународната организација на трудот во 6-те земји од Западен Балкан. Проектот се спроведува во времетраење од три години, почнувајќи од јуни 2016 година.
Овој проект има за цел преку унапредување и продлабочување на регионалната соработка, меѓусебна размена на искуства и добри практики, но и преку обезбедување на техничка и експертска помош и поддршка, да придонесе кон јакнење на институционалните капацитети во земјите од регионот за креирање и имплементирање на ефикасни и инклузивни политики на пазарот на труд, политики насочени кон зголемување на вработеноста и креирањето на работни места. Проектот обрнува посебно внимание и кон јакнењето на капацитетите, модернизацијата и унапредувањето на работата на јавните служби за вработување во земјите од регионот.
Повеќе информации за ЕСАП проектот можат да се најдат на следниот линк: https://www.rcc.int/priority_areas/27/esap-employment-and-social-affairs-platform