Шахпаска: Пратениците да реагираат брзо и да го донесат законот без одлагање, тој претставува главна алатка на државата во справување со насилството врз жените и семејното насилство

Министерката Шахпаска, на денешната седница на Комисијата за Европски прашања во Собранието на Република Северна Македонија, ја истакна потребата од носење на Предлог законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство кој беше разгледуван во прво читање.

Министерката  посочи дека денешниот ден го означува почетокот на 16 дневната капања која се одвива на меѓународно ниво за борба против насилството врз жените и во таа насока уште еднаш ја потенцираше  важноста од носењето на законот како и потребата од подигнување на свеста за постоењето на насилството во општеството.

„Жените и девојчињата често се изложени на сериозни форми на насилство коишто претставуваат сериозно кршење на човековите права. За да се овозможи соодветен одговор потребно е спроведување на сеопфатна политика за борба против насилството врз жените. Овој закон е во собраниска процедура и неговото носење ќе овозможи сеопфатен пристап односно интегриран мултидисциплинарен одговор во справувањето со насилство врз жената и семејното насилство, почитувајќи ги човековите права во согласност со меѓународните стандарди. Одредбите на законот јасно укажуваат дека насилството врз жените и семејното насилство не може да се сметаат за приватна работа и дека државата има намера преку сеопфатни и интегрирани политики да превенира и да ги заштити жртвите на насилство“ истакна Шахпаска.

Министерката го потенцираше и значењето на периодот во кој се наоѓа државата со пандемијата од коронавирусот во кој значително се зголемува насилството во домот, како уште една причина повеќе за превземање на итен пристап од страна на Собранието за донесување на предложеното законско решение.

„Предлог-законот ги регулира превентивните мерки што секоја институција има обврска да ги преземе со цел елиминирање на насилството врз жените и семејното насилство, но исто така со предлог- законотот се предвидува брзо и ефикасно постапување на институциите, посебно судот во постапување и изрекувањето на итни и на привремени мерки за заштита. Така, судот има обврска, веднаш а најдоцна во рок од 24 часа по приемот на предлогот од Министерството за внатрешни работи и полицискиот извештај, без да одржи рочиште да одлучи за изрекување на итна мерка за заштита, отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот,“ посочи Шахпаска.

Таа истакна дека со предлог закон е предвидена и програма за реинтеграција на жртвите на насилство, која  вклучува модели за привремено домување, психичко советување со менторство, различни видови на финансиска помош специфично наменети за жени жртви на насилство, можности за образование за жените и нивните деца и обуки во различни области, како и мерки за вработување утврдени со закон. Министерката во овој дел особено ја истакна економската независност на жените како еден од главните елементи заради кои жртвите најчесто повторно се враќаат во семејството каде се одвива насилството, затоа е важно да се работи не само на превенција и заштита на жртвите, туку и на нивна реинтеграција во системот, како на жените жртви така и на нивните деца.

Министерката посочи дека честопати институциите како на пример здравствените работници или наставниците затајуваат во постапувањето со игнорирање на потенцијалните знаци на насилство кај жртвите и децата, во таа насока законот предвидува и континуирана едукација за сите службени лица во органите на државната управа. Истовремено за таа цел се воведува и принципот на должно внимание како еден од столбовите на овој закон за брзо и ефикасно постапување од страна на институциите, при што е воведена и правна можност за граѓаните за поднесување на тужба за непостапување со должно внимание од страна на инстутуциите.

Законот ги препознава и граѓанските организации како главен партнер во борбата со насилството и имплементирање на законот преку нивната улога која е предвидена во законските одредби како даватели на услуги.

Министерката ги повика пратениците да реагираат брзо и да го донесат законот без одлагање бидејки овој закон преставува главна алатка на државата во справување со насилството врз жените и семејното насилство.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->