01.04.2021

Шахпаска: Новата градинка во Прдејци ќе згрижи 20 деца, таа е единаесетта нова градинка за седум месеци, за нас секое дете е важно

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска присуствуваше на официјалното отворање на новиот објект „Развигорче“ при ЈОУДГ „Детска Радост“ во населеното место Прдејци, Општина Гевгелија.

„Новата градинка има капацитет да згрижи 20 деца. Можеби звучи како мала бројка, но пораката е многу значајна. Како ресорно министерство и како Влада сериозно вложуваме во грижата за секое дете на територијата на цела наша држава. И децата во Прдејци имаат право да бидат вклучени во воспитно образовниот процес, а со тоа влезат во образовниот процес подготвени“, изјави министерката Шахпаска.

Министерката истакна дека Министерството за труд и социјална политика сериозно вложува во изградбата на нови и проширување на постоечките капацитети на детските градинки, со цел поголем опфат на деца во нив. Градинката „Развигорче“ е единаесетта нова детска градинка за само 7 месеци, а со тоа се обезбеди згрижување на 670 нови дополнителни места.

Градоначалникот на Општина Гевгелија Сашо Поцков изјави дека ова претставува уште една потврда за одличната соработка помеѓу локалната и централната власт, а со Министерството за труд и социјална политика заедничката грижа за иднината на најмладите, децата. Притоа, тој потенцираше дека ова не единствен заеднички проект на општината со министерството, како и дека соработката продолжува и понатаму.

„Населеното место Прдејци брои околу 380 жители и капацитетот на новата градинка од 20 деца целосно ќе одговори на потребите на неговите жители“, рече Поцков.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->