Шахпаска: Ниту Груевски кој побегна , ниту Заев како актуелен премиер кој се бори во најголемата криза, ниту министерката за труд и социјална политика им ги дава пензиите на пензионерите, тие тоа си го одработиле и заслужиле во нивниот работен век

„На законското решение, недела да биде ден за неделен одмор како Министерство за труд и социјална политика работиме изминатите три месеци. Преку бројни средби, дебати, состаноци, разговаравме со синдикатите како претставници на работниците, коморите, организацијата на работодавачи, всушност со сите засегнати чинители во општеството, сериозно дебатиравме за сите слабости и предности на ова решение. Недела-слободен ден за работниците, да бидат заедно со своите семејства, да ги продолжат оние семејни традиции на кои што изминатиов период во трка со времето се запоставија“, потенцираше министерката Шахпаска во утринската емисија на Сител ТВ, зборувајќи за измените во Законот за работни односи, со кои се предвидува недела да биде ден за неделен одмор.

Таа посочи дека ова законско решение мора да има исклучоци со цел за непречено функционирање на државата и онаму каде што техничко- технолошкиот процес мора да продолжи, снабдувањето на граѓаните со електрична енергија, водоснабдувањето, собирањето  на комуналниот отпад, здравствената и социјална заштита, функционирањето на малите групни домови, медиумите, културните институции, угостителството. Ќе продолжат да функционираат сите оние дејности кои  што претставуваат задоволување на елементарните потреби на секое семејство. Притоа, сите што ќе работат во недела, ќе имаат надомест на плата согласно Закон и колективен договор, а дополнително овие работници ќе имаат и слободен ден за одмор.

Во однос на прашањето во врска со пакетите економска помош за ранливите категории на граѓани во време на пандемија министерката истакна дека од нејзиниот почеток главните два приоритети биле насочени кон зачувување на секое работно место и  помошта и поддршката на ранливите категории на граѓани. Во таа насока беа креирани мерки како субвенционирање на плати и бескаматни кредите со цел помош на компаниите, да не ги испуштаат работниците и да се зачува секое работно место. Истовремено, креирани беа и мерки за активните и пасивните баратели на работа, пензионерите со пониски пензии од 15.000 денари, примателите на државна социјална пензија, самохраните родители, примателите на социјална помош. Петтиот пакет економски мерки ги опфаќа сите оние граѓани кои имаат заостанати долгови кон Јавните претпријатија, институции и општините, и предвидува бришење на каматите на долгот и можност за оддложено плаќање на 12 рати, што во време на Ковид 19, претставува уште едно олеснување и поддршка кон граѓаните со цел полесно премостување на кризниот период.

„Министерството за труд и социјална политика во декември донесе законски измени на Законот за социјална и Законот за детска заштита со кои го олеснивме пристапот на граѓаните до социјална помош, ги спуштивме критериумите за влез во системот на социјална заштита. Социјалната реформа донесена 2019 година беше ставена на тест токму во време на пандемија и се покажа како мошне ефикасна во полесно пребродување на кризата. Таа беше за 300% зголемена, олеснат беше пристапот до образовен додаток и се воведе државната социјална пензија. Пандемијата не научи дека системот мора да функционира“, истакна министерката Шахпаска.

„Ниту Груевски кој побегна, ниту Заев како актуелен премиер кој се бори во најголемата криза, ниту министерката за труд и социјална политика им ги дава пензиите на пензионерите, тие тоа си го одработиле и заслужиле во нивниот работен век“, истакна Шахпаска.

Таа на тема пензии и нивна исплата, им порача на пензионерите дека пензиите ќе продолжат да се исплаќаат редовно, зголемени согласно Закон, кое што беше укинато од претодната власт. Тоа значи усогласување на пензиите со растот на тошоците на живот, двапати во годината, раст на пензиите со раст на БДП повеќе од 4% и третата можност за раст е со раст на минималната плата од 15% и просечната 5%.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->