12.11.2025
Сабриу: Нашата цел е да обезбедиме систем кој е и одржлив и праведен, кој ја гарантира сигурноста на денешните и идните генерации
Државниот секретар на министерството за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу учествуваше на Меѓународната конференција „Одржлив пензиски систем – две децении прогрес“ во организација на Асоцијација на друштва за управување со пензиски фондови на Северна Македонија.

Во своето обраќање пред присутните Сабриу истакна дека кога се зборува за „20 години прогрес“, не се мисли само на бројки, туку се мисли на доверба, сигурност и иднина.
„Мислиме на луѓе – на генерации кои својот труд го вложија во овој систем, верувајќи дека секоја уплата денес значи достоинствен живот утре. Нашиот пензиски систем е приказна за визија и истрајност.

Заедно – државата, институциите и пензиските друштва – изградивме стабилен модел кој опстојува во време на предизвици - економски и демографски. И тоа не е мала работа. Тоа е резултат на одговорност и партнерство,“ истакна Сабриу.
Тој посочи дека Министерството, иднината на пензискиот систем ја гледа како човечка приказна, не само како бројка во буџет.
„Нашата цел е да обезбедиме систем кој е и одржлив и праведен, кој ја гарантира сигурноста на денешните и идните генерации. Живееме во време кога светот се менува – работните навики, пазарот, технологијата, начинот на живот. Но токму затоа, мораме да бидеме предвремени во мислата и храбри во реформите. Да вложуваме во знаење, во финансиска писменост, во нови форми на солидарност и меѓугенерациска поддршка. Затоа што пензискиот систем не е само институција – тој е ветување. Ветување дека трудот вреди, дека државата стои зад своите граѓани, и дека достоинството е вредност што не застарува,“ порача Сабриу.

Тој се осврна на градењето на трите столба на пензискиот систем и нивното значење.
На крајот упати пораки за заедничко градење на систем кој ќе биде пример на стабилност, доверба и човечност.