13.12.2022

Презентиран Предлог буџетот на Министерството за труд и социјална политика- 858.3 милиони евра за социјално ранливи, повисоки пензии, нови градинки и мерки за вработување

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска го презентираа Предлог буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2023 година.

Вкупниот Предлог буџет на Министерството за труд и социјална политика, за 2023 година изнесува 858,3 милиони евра и покрива широка лепеза на права од социјална и детска заштита, пензиско и инвалидско осигурување, мерки за невработени и за вработување, односно ги адресира потребите на ранливите категории на граѓани.

Претседателот Ковачевски се осврна на заложбите на Владата дека во време на економска и енергетска криза во ниту еден момент, ниту една категорија граѓани не беше оставена настрана, туку напротив, високо на листата приоритети беа и остануваат, материјалните права на ранливите категории граѓани, самохраните родители, социјалните случаи, лицата со инвалидитет, пензионерите и останатите групи граѓани.

Министерката Тренчевска истакна дека системот на социјална заштита има капацитет да ги апсорбира сите семејства во социјален ризик. 

„Во моментов имаме околу 36.000 домаќинства- приматели на Гарантирана минимална помош (ГМП), 30.082 деца опфатени со образовен додаток и 47.114 деца - детски додаток, согласно последната исплата. Ги мапиравме најранливите граѓани во моментов и обезбедивме финансиска поддршка за полесно справување со енергетската криза. За таа цел, го донесовме Законот за финансиска поддршка на  социјално ранливи категории на граѓани за справување со енергетската  криза, со кој обезбедуваме по 3.000 денари месечно или вкупно 12.000 денари за 4 месеци за секој корисник на право на надоместок заради попреченост, корисник на право на социјална сигурност за стари лица, корисник на право  на надоместок за помош и нега за трајните корисници на ова право, лицата кои се самохрани родители, а се корисници на ГМП и корисниците на посебен додаток,“  посочи Тренчевска. 

Таа информираше и дека за социјални услуги се обезбедени дополнителни 5.5 милиони евра повеќе од 2022 година односно вкупно 7.8 милиони евра.

„Го прошируваме опфатот и пристапот до социјалните услуги за граѓаните. Помош и нега во домот, лична асистенција, живеење со поддршка, згрижување во друго семејство, центри за поддршка на згрижувачки семејства, услуги во центри за дневен престој на деца во ризик и судир со закон, лица со попреченост, стари лица, бездомни лица, услуги во центри за рехабилитација, реинтерграција и ресоцијализација, деца жртви на злоупотреба, жртви на семејно насилство, жртви на родово-базирано насилство, жртви на трговија со луге, бездомници, услуги во советувалишта и друго, “ истакна Тренчевска.

Претседателот Ковачевски се осврна на усогласувањето на пензиите и нивни континуиран раст. 

„Се залагаме за креирање на системски решенија кои даваат резултати на долг рок. Тоа беше и појдовната точка кога ја правевме и новата методологија за усогласување на пензиите, со што обезбедивме континуиран раст на пензиите, кој што нема да зависи од ничија политичка волја или одлука. Така продолжуваме и во 2023 година, пензиите ќе бидат повторно зголемени во март 2023 година. Со новата методологија, што ја донесовме, пензиите се усогласуваат два пати во годината, септември и март и тоа 50% со трошоците за живот и 50% со просечната плата. Пензиите ќе бидат зголемени вкупно 16 % за време на една календарска година за сите 330.000 пензионери“, посочи Ковачевски.

Во март 2023 година следи повторно усогласување на пензиите. Со предлог буџетот за 2023 година обезбедени се 499.9 милиони евра, средства кои ќе се трансферираат до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за исплата на пензии. 

„Во буџетот за 2023 година во однос на 2022 година трансферот до ФПИОМ е зголемен за 7.3 милиони евра во однос на 2022 година, со што се обезбедени средства за дополнителна финансиска поддршка на пензионерите со пониски примања согласно  Законот за финансиска поддршка,“ рече Тренчевска.

Обезбедена е и финансиска поддршка и за невработените лица-корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок по 3.000 денари месечно (односно 12.000 денари за 4 месеци) како таргетирана ранлива категорија со Законот за финансиска поддршка, со што ќе бидат опфатени околу 5238 лица.

Финансиска поддршка добиваат и социјално загрозените граѓани согласно Законот за финансиска поддршка за ранливи категории за справување со енергетска риза. Тие добиваат по 3000 денари за 4 месеци или 12.000 денари вкупно.

Претседателот на Владата Ковачевски посочи дека инвестициите во детската заштита продолжуваат и во 2023 година.

„Предучилишните установи се клучот за социјализација на децата, исто така со вложувањето во нови градинки отвораме нови работни места што значи и економски развој на општината или населеното место,“ рече Ковачевски.

Министерката Тренчевска информираше дека во Предлог буџетот за 2023 обезбедени се средства за капитални инвестиции од 2.6 милиони евра  од кои, 2.2 милиони евра се наменети за детска заштита , а 417 илјади евра социјална заштита. Со изградбата и проширувањето на планираните градинки ќе се зголеми опфатот за околу 500 деца.

Дополнително преку Проектот за подобрување на социјалните услуги, се градат и опремуваат уште нови градинки , со кои опфатот на деца во предучилишно воспитание ќе се зголеми за околу 450 деца. Овие нови детски градинки значат влез на нови 950 деца во предучилишно воспитание.

„Успешноста на Оперативниот план 2022 година, е уште една причина плус оваа година да го зголемиме буџетот за активни програми и мерки односно тој ќе изнесува 30.5 милиони евра. Тој има особено значење затоа што преку мерките кои ги креираме ги мапираме потребите на пазарот на труд и ги активираме невработените и младите и ги зајакнуваме компетенциите на неквалификуваните работници. Ги поддржуваме граѓаните во бизнис идеите и вложуваме во зелени инвестиции, “посочи Тренчевска.

Предлог буџетот за 2023 година на Министерството за труд и социјална политика, покрај тоа што претставува одговор за ублажување на последиците на кризата, има и развојна компонента, подигање на животниот стандард на граѓаните и капитални инвестиции за унапредување на квалитетот на живот на сите во државата.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->
Овој веб сајт користи колачиња "Cookies", за да го подобри корисничкото искуство.

Доколку ги прифаќате условите притиснете “Се согласувам”. Повеќе инфо.

var prevDropDown = null; function dropDown(src) { if (prevDropDown != null) { prevDropDown.className = "mnuHidden"; } var id = src.id; var subMenuTable; var childID = id + '_submenu'; subMenuTable = document.getElementById(childID); subMenuTable.className = "mnuVisible"; prevDropDown = subMenuTable; }