19.10.2022

Хусејин: Вложуваме во интеграцијата на Ромите во сите општествени текови, градиме општество кое вклучува, а не исклучува

Заменик министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин, учествуваше на Министерски состанок за интеграција на Ромите во Подгорица, во организација на Владата на Црна Гора.

Заменик министерот во своето обраќање истакна дека, потпишувањето на Декларацијата за интеграцијата на Ромите од страна на Премиерите на државите од Западен Балкан, Иницијативата на претходниот Претседателот на Владата на Република Северна Македонија г-дин Зоран Заев, ја потврди подготвеноста на земјите во регионот за заедничка соработка во иницијативата на вклучувањето на Ромите во рамките на процесот на проширувањето на Европската Унија.

„Република Северна Македонија во 2005 година се приклучи на Меѓународната иницијатива Декада за вклучување на Ромите 2005-2015 и ја покажа подготвеноста на Владата за намалување на јазот помеѓу Ромите и другите заедници преку креирање на посебни политики, стратегии, програми наменети за Ромската етничка заедница за нивна интеграција во приоритетните области иницирани од Светска Банка и Фондацијата Отворено Општество. Подготовката на Стратегијата за Роми во Република Северна Македонија во 2022 година значи и заокружување на стремежот пред кој сме исправени во насока на изградба на кохезивно општество кое се стреми кон континуиран економски и севкупен одржлив развој. Република Северна Македонија сака да се развие во општество во кое граѓаните независно на која етничка заедница и припаѓаат, се чувствуваат безбедни и имаат еднакви можности за личен развој и напредок. Општество кое интегрира, а не сегрегира, односно општество кое давајќи им еднакви права и можности на сите, вклучува, а не исклучува“, потенцираше Хусејин.

Тој нагласи дека, за решавањето на проблемите на Ромите потребно е да се вклучат и Ромските НВОрганизации и Меѓународната заедница и со заеднички напори да се изнајдат решенија за социјалната инклузија на Ромите во различни области за целосна еднаквост и интеграција на Ромите.

Согласно потпишаната Декларација и превземените обврски кои произлегуваат од неа, Владата на Република Северна Македонија преку ресорните министерства имплементира Проекти и подготви Законски решенија во постигнувањето на одредени цели во образованието, вработувањето и домувањето на ромите.

„Во тек е и подготовка на нов Закон за домување во Република Северна Македонија кој ќе содржи посебен дел Социјално домување. Министерството за труд и социјална политика во соработка со Интеграција на Ромите 2020 со ангажирање на експерт ќе го подготви делот за социјалното домување,“ рече Хусејин.

Тој ја истакна и континуираната долгогодишна поддршка на Европската Унија во градење на капацитетите и спроведување на политиките за Ромите на национално и локално ниво во Република Северна Македонија, во насока на подобрување на состојбите со ромската заедница.

„Република Северна Македонија во наредниот период се подготвува за спроведување на зелена и дигитална агенда. Ромите, како граѓани на државата со еднакви права и можности и во едно оштество за сите, ќе бидат дел од овие агенди. Нивното вклучување во дигиталната агенда го гледаме пред се во подигањето на пристапот кон дигиталните средства, зголемувањето на дигиталната писменост, поддршка на децата Роми во областа на образованието кое се повеќе се дигитализира, поддршка на Ромите на пазарот на труд во смисла на стекнување и користење соодветни вештини, како и поддршка на Ромите претприемачи за дигитализација на нивните дејности. Во областа на зелената агенда, пак, сметаме дека е неопходно Ромите да бидат вклучени во циркуларната економија, во која и сега претставуваат важен дел. Со трансформацијата на системите за управување со разните видови отпад и други ресурси, ќе се појават и нови можности и нови работни места. Ромите треба да бидат спремни за да се вградат во овие нови текови,“ порача Хусејин.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->
Овој веб сајт користи колачиња "Cookies", за да го подобри корисничкото искуство.

Доколку ги прифаќате условите притиснете “Се согласувам”. Повеќе инфо.

var prevDropDown = null; function dropDown(src) { if (prevDropDown != null) { prevDropDown.className = "mnuHidden"; } var id = src.id; var subMenuTable; var childID = id + '_submenu'; subMenuTable = document.getElementById(childID); subMenuTable.className = "mnuVisible"; prevDropDown = subMenuTable; }