Социјална парична помош

Право на социјална парична помош има лице способно за работа и домаќинство (заедница на членови на семејството и други роднини меѓу кои не постои законска обврска за меѓусебно издржување, кои заеднички придонесуваат, стопанисуваат и трошат), Подносител, односно носител на правото на социјална парична помош е невработено лице, кое активно бара работа согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, материјално необезбедено и кое според други прописи не може да обезбеди средства за егзистенција. За материјално необезбедено се смета лице и домаќинство кое остварува приходи по сите основи пониски од износот на социјалната парична помош, утврден со овој закон и кое не поседува имот и имотни права од кои може да се издржува. 

Месечниот приход на лицето или домаќинството се определува според просечниот месечен приход на  сите членови, остварен по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето за остварување на право за социјална парична помош.

Висината на социјалната парична помош за носителот на правото изнесува 2.831 денари (во натамошниот текст: "основица". За секој следен член на домаќинството основицата се зголемува за коефициент 0,37, а најмногу до пет члена. Висината на социјалната парична помош се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година. Во случај кога порастот на трошоците на живот за претходната година се со негативен предзнак, не се врши усогласување на основицата. Правото на социјална парична помош се исплатува како разлика помеѓу утврдениот износ на социјалната парична помош  и вкупните приходи по сите основи на сите членови на домаќинството.

По исклучок домаќинство во кое има невработено лице инвалид на трудот кој не користи надоместок од центарот за вработување или од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување или носителот на правото е невработено лице на кое му недостастуваат најмногу пет години до остварувањето на правото на пензија, правото на социјална парична помош ќе го користи во полн износ.

 

Висина на социјална парична помош за 2017 година 
  

висина на социјална

парична помош 100%

висина на социјална

парична помош 50%

лице  2.831 денар 1.416 денари
семејство и домаќинство со два члена  3.878 денари 
1.939 денари
семејство и домаќинство со три члена 4.925 денари 2.436 денари
семејство и домаќинство со четири члена 5.973 денари 2.987 денари
семејство и домаќинство со пет и повеќе члена 7.020 денари 3.510 денари

 * Висината на социјалната парична помош во првите три години на користење на правото се исплатува во 100% од утврдениот износ, а по истекот на третата година, во висина од 50% од утврдениот износ.


Центарот за социјална работа го определува носителот на правото на социјална парична помош. Носителот на правото  на социјална парична помош е должен да ја потврди состојбата  на месечните приходи за себе и сите членови во домаќинството, при поднесувањето на барањето и во текот на користењето на правото.

Носителот на правото на социјална парична помош е должен еднаш годишно да поднесе документација за материјалната и бројната состојба на  домаќинството. Доколку не го стори тоа, правото на социјална парична помош престанува и не може да се оствари во наредните шест месеци.

Право на социјална парична помош не може да оствари лице кое:

  • може само да се издржува, ако може да остварува приходи со продажба или со давање под закуп на имот кој тој и членовите на неговото домаќинство не го користат, за задоволување на минимална егзистенција;
  • не побарало издржување од лицето кое е должно да го издржува согласно со Законот за семејството, освен ако центарот за социјална работа утврди дека лицето кое според Законот е должно да го издржува би останало без минимум средства за егзистенција, пониски од висината на постојаната парична помош утврдена со овој закон;
  • ако има склучен договор за доживотна издршка, а не покренало постапка за раскинување на тој договор и 
  • може да обезбеди издржување по друга основа.


Право на социјална парична помош не може да оствари, односно му престанува правото на лицето или домаќинството кое дало нецелосни или невистинити податоци за семејната, материјалната состојба и состојбата со имотот и имотните права и ова право не може да се оствари во наредните 12 месеци.

Право на социјална парична  помош не може да користи:

  • лице кое одбило понуда за вработување, обука, преквалификација или доквалификација заради вработување, согласно со Законот за вработување   и  осигурување во случај на невработеност; и
  • лице на кое му престанал  работниот однос по негова вина или на негово барање.


Во овие случаи, наведеното лице се смета за член на домаќинството при пресметување на вкупните приходи на домаќинството, а се исклучуваод користење на правото на социјална парична помош во период од шест месеци.                     

Корисниците на социјална парична помош можат да бидат работно ангажирани за извршување на јавни работи најмногу до 90 дена во календарската година, како и за извршување на сезонски работи и други повремени работи согласно со Законот за работни односи,од градоначалникот на единицата на локалната самоуправа, од јавните претпријатија и јавните установи и работодавачи од приватниот сектор, освен пензионер, жена за време на бременоста и млади мајки до 9 месеци на породилно отсуство, лице неспособно за работа поради старост, инвалидност или болест, лице во работен однос, ученик и студент. 

За време на работното ангажирање корисниците мора да бидат осигурани од организаторот на работата по основа на инвалидност и телесно оштетување, за повреда на работа или професионална болест.

На корисниците на социјална парична помош кои работно се ангажирани за сезонски и други работи, правото на социјална парична помош им мирува за времето на работното ангажирање, а по престанувањето на работното ангажирање користењето на правото на социјална парична помош продолжува. 

Ако корисникот на социјална парична помош неоправдано го одбие работното ангажирање, правото на социјална парична помош престанува и не може да се оствари во наредните 12 месеци.