Зајакнување на соработката помеѓу Македонија и Австрија во делот на трудот и социјалната политика

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов денеска (29 септември 2014 година), престојува во работна посета на Виена, Република Австрија.

Во рамките на посетата министерот Спасов оствари средби со министерот на Сојузното министерство за труд, социјални прашања и заштита на потрошувачи  на Република Австрија  Рудолф Xундсторфер.

За време на средбата се потпиша Меморандумот за соработка, со цел продолжување и натамошно унапредување на соработката помеѓу нашите две пријателски земји во областа на трудот и социјалната политика.

Со потпишувањето и реализацијата на овој Меморандум за соработка во областа на трудот и социјалната политика ќе се овозможи размена на искуства и експертиза за поголем број на прашања од областа на: политиките на вработување и  пазарот на труд, безбедност и здравје на работа и трудовата инспекција, системот за социјално осигурување (пензиско осигурување), социјалната нега и заштита, размена на искуства од областа на интеграција на лица со посебни потреби во образованието и   вработување на лица со посебни потреби и професионална рехабилитација.

Соработката ќе се одвива преку размена на искуства и вештини за тековните состојби во наведените области, но и за стратешките планови во иднина, сè со цел долгорочно решавање на проблемите и подигнување на квалитетот на животот на граѓаните на Република Австрија и Република Македонија.

Исто така, потпишувањето и успешната примена на овој Меморандум за соработка  ќе придонесе и кон продлабочување и унапредување на односите помеѓу двете држави воопшто.