Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Република Македонија и Република Естонија

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и министерот за социјална заштита на Естонија, Хелмен Кит и министерот за здравство и труд на Естонија, Урмас Крусе потпишаа Меморандум за соработка помеѓу Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија и Министерството за социјални прашања на Република Естонија во областите на трудот, вработувањето и социјалната политика.


Согласно со Меморандумот, соработката во наредните три години ќе се одвива пред сè во областа на вработувањето, развивање и имплементација на политики за вработување, социјалната заштита, односно развивање и имплементација на политики и  мерки за справување со сиромаштијата и социјалната исклученост на лицата кои се доведени во било каков вид на социјален ризик. Потоа во областа на заштитата на правата на децата, со посебен акцент на згрижување на децата со посебни потреби, системот на социјална сигурност, заштита при работа, еднакви можности на жените и мажите, како и активностите поврзани со започнувањето на водење преговори за членство во ЕУ.


Министерот Спасов по потпишувањето на Меморандумот истакна: “Со меморандумот кој денес го потпишуваме верувам дека започнуваме долгогодишна соработка. Овој меморандум е почеток на воспоставување силни врски и плодна соработка меѓу ресорните министерства, и успешна реализација  на проекти и иницијативи во наредниот период”.

Министерот Спасов им заблагодари на колегите Кит и Крусе за заложбите за продлабочување на соработката помеѓу двете држави и за споделување на искуствата од областите на трудот, вработувањето и социјалната политика. 

Инаку, вчера и денеска (1-2.9.2014 година), министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов е во работна посета на Талин, Естонија. Во рамките на посетата министерот Спасов ги посети Министерството за социјални прашања, Одборот за социјално осигурување, Центарот  за професионална рехабилитација на Астангу, како и на Фондот за осигурување на невработени. На средбите се дискутираше за осигурувањето на невработените лица во Естонија и услугите за вработување. Акцент беше ставен и на реформите и услуги за вработување на лица со посебни потреби.