Поддршка на Агенцијата за вработување во реализирање на мерки и услуги активни на пазарот на труд

             
Mинистерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, амбасадорот на Германија, Кристине Алтхаузер, раководителот на одделот за соработка-Делегацијата на Европската унија, Мартин Клауке и директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија,  Влатко Поповски го најавија отпочнувањето на проектот „Поддршка на Агенцијата за вработување во реализирање на мерки и услуги активни на пазарот на труд“.                

Проектот  ќе се спроведува во период од 2 години и е финансиран од Европската унија во рамки на Оперативната програма за развој на човечки ресурси 2007-2013 (ИПА компонента IV) со буџет од 1,2 милиони евра.              



Искажувајќи благодарност до Европската унија која го поддржува финансирањето на овој проект, министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов истакна дека: “Програмските определби на Владата на Република Македонија преку бројни стратешки документи, се во насока на ефективни политики, мерки и подобри јавни сервиси, со цел подобрување на животот на граѓаните и намалување на стапката на  невработеност’.  

Во таа насока, министерот Спасов ги спомена Оперативните планови за имплементација на посебни политики и мерки за вработување и додаде дека планираните програми и мерки целосно се реализираат, со што се влијае на можностите за вработување, се подобруваат знаењата и вештините на невработените лица, се поттикнува вработувањето,  и се овозможува полесен пристап и вклучување на невработените лица на пазарот на труд.

“Воедно сакам да ја истакнам досегашната поддршка преку ИПА за имплементација на одредени активни мерки за вработување и тоа: практикантство, обука за општи вештини и обука за дефицитарни занимања. Овие активни мерки за вработување се имплементираа во рамки на првиот директен грант на АВРМ во текот на 2010-2012  година,  со кои мерки се опфатија 10.743 невработени лица, 5.300 лица се вклучија на пазарот на труд”, рече министерот Спасов.

Покрај постојните мерки за вработување, како што се поддршката на долгорочно невработени лица, ранливи групи и млади, Програмата за самовработување, практиканството  и субвенционирано вработување, се јавува потребата и од поддршка и имплементација на нови активни мерки за вработување.

“Во таа насока поддршката преку ИПА проектите на политики за вработување, меѓу кои е и овој твининг проект,  е од големо значење не само за имплементација на програмите и активните мерки за вработување, туку и да се подобрат механизмите за следење на ефектите од постојните мерки за вработување, како и дефинирање на нови мерки согласно со реалните потреби на локално и национално ниво”, рече министерот Спасов.  

Општата цел на проектот е да се подобри квалитетот, ефикасноста и ефектите од услугите обезбедени од страна на Агенцијата за вработување, со цел намалување на стапката на невработеност и спречување на ризикот од невработеност. Проектот има за цел зајакнување на институционалните капацитети на Агенцијата за вработување  и нејзините центри во насока на подобрување на пристапот на невработените лица на пазарот на труд. Поконкретно, во рамки на активностите на овој твининг  проект, предвидени се обуки за вработените од Агенцијата за вработување и социјалните партнери и размена на практики и искуства од Европската Унија во насока на подобрување на постојните мерки, но и креирање на нови, иновативни активни мерки за вработување.

“Во рамките на овој проект, ќе се направи истражување за досегашната имплементација на одредени активни мерки за вработување, односно за нивната целисходност и ефективност, што понатаму ќе ни послужи како основа  за воведување на нови мерки за вработување, односно за продолжување на мерките кои досега дале најголем ефект.  Исто така, пред нас е и предизвикот да се зајакнат капацитетите на Агенцијата за вработување, капацитетите на националните и локалните актери вклучени во креирањето, имплементацијата и следењето на активните мерки за вработување”, заклучи министерот Спасов.