Програма на ЕУ „Вработување и социјални иновации“ – ЕаСи (employment and social innovation - EaSi)
Програмата „Вработување и социјални иновации“ – ЕаСи (Employment and Social Innovation - EaSi) е финансиски инструмент на Европската Унија со кој директно управува Европската комисија. Програмата обезбедува поддршка на вработувањето, социјалната политика и мобилноста на работната сила во ЕУ. Со овој инструмент се финансира развој и тестирање на иновативни решенија за поттикнување на одржлив долгорочен раст и работни места, намалување на разликите помеѓу државите членки и постигнување на напредок во намалување на социјалната нееднаквост.
Програмата ЕаСи се состои од три потпрограми:
-
Прогрес – Модернизација на политиките за вработување и социјалните политики
-
Микрофинансирање и социјално претприемништво
-
ЕУРЕС – Унапредување на мобилноста на работната сила
Република Македонија склучи Спогодба со Европската комисија за учество во програмата ЕаСи. Спогодбата беше потпишана на 31.1.2015 во Скопје и на 30.3.2015 во Брисел. За да стапи во сила, се спроведе постапка за ратификација на Спогодбата од Собранието на Република Македонија. Законот за ратификација на спогодбата меѓу Република Македонија и Европската Унија за учество на Република Македонија во програмата на Европската Унија „Вработување и социјални иновации" беше објавен во Службен весник на РМ бр. 125 од 24.07.2015. Спогодбата овозможува учество во потпрограмите ПРОГРЕС и Микрофинансирање и социјално претприемништво. Република Македонија нема да има право на учество во активностите на потпрограмата ЕУРЕС.
Цели на програмата ЕаСи
-
Координација на активностите на ниво на ЕУ и на национално ниво во областа на вработувањето и социјалните прашања.
-
Поддршка на развојот на адекватен систем на социјална заштита и на политиките на пазарот на трудот преку зајакнување на доброто владеење, преку взаемно учење и социјални иновации.
-
Модернизација на законодавството на ЕУ и ефективна примена на правото на ЕУ.
-
Зголемување на географската мобилност на работната сила.
-
Зголемување на достапноста и пристапот до микрофинансирање за ранливите групи и микропретпријатија и зголемување на пристапот до финансии за социјалните претпријатија.
ЕаСи во бројки
-
Вкупен буџет: 919 469 000 евра по сегашни цени
-
Индикативна распределба на средствата: 61% за ПРОГРЕС, 21% за Микрофинансирање и социјално претприемништво и 18% ЕУРЕС.