Додаток за образование

Додаток за образование се обезбедува заради покривање на дел од трошоците на домаќинството поврзани со образованието на децата, во зависност од материјалната состојба на домаќинството како и за корисници на гарантирана минимална помош согласно Законот за социјална заштита.

Право на додаток за образование има домаќинство со дете кое е на редовно школување во основно или средно образование во училишта во Република Северна Македонија верификувани од Министерството за образование и наука  и запишани во Централниот регистар на Република Северна Македонија и во регистарот на Министерството за образование и наука, чии вкупни просечни месечни приходи остварени во последните три месеци пред поднесување на барањето и во текот на користењето на правото по сите основи на сите членови во домаќинството се во висина до прагот за пристап на правото на додаток за образование, кој е поставен на 6800 денари, а кој се зголемува за секој член на домаќинството за коефициент од еквивалентната скала, а најмногу за вкупно осум члена во домаќинството.

  • ПРАГОТ ЗА ПРИСТАП ДО ДОДАТОКОТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ е во зависност од бројот на членови во домаќинството и се пресметува со еквивалентна скала која за еден член на домаќинството е 1 и изнесува 6800 денари, а за останатита членови еквивалентната скала се зголемува за коефициент од  0,5 за вториот член на домаќинството, за коефициент од  0,4 за третиот член на домаќинството, за коефициент од 0,4 за четвртиот член на домаќинството, за коефициент од 0,2 за петтиот член на домаќинството, за коефициент од  0,1 за шестиот член на домаќинството, за коефициент од 0,1 за седмиот член на домаќинството, за коефициент од 0,1 за осмиот член на домаќинството, а најмногу до осум членови на домаќинството.
  • ЕКВИВАЛЕНТНАТА СКАЛА се зголемува дополнително за 1,2 за самохран родител. Така на пример, за тричлено домаќинство вкупните просечни месечни приходи остварени во последните три месеци пред поднесување на барањето и во текот на користењето на правото по сите основи на сите членови во домаќинството не смеат да го надминат износот од 12.920 денари, за четиричлено домаќинство 15.640 денари, за  петчлено домаќинство 17.000 денари, за  шестчлено домаќинство 17.680 денари, за седумчлено 18.360 денари, а за осумчлено 19.040,00 денари.

Кај  тричлено домаќинство со еден самохран родител прагот за пристап изнесува 21.080 денари, кај петочлено домаќинство со еден самохран родител прагот за пристап изнесува 25.160 денари.

При утврдување на висината на прагот за пристап на правото на детски додаток, за член на домаќинство или семејство не се смета лице кое е:

  • на издржување казна затвор подолго од 30 дена,
  • со решение на центарот за социјална работа е сместено во установа за вон-семејна социјална заштита, или е сместено во здравствена или друга установа за период додека трае сместувањето и
  • сторител на семејно насилство.

Право на додаток за образование има домаќинство со дете кое е на редовно школување во основно или средно образование во училишта во Република Северна Македонија верификувани од Министерството за образование и наука и запишани во Централниот регистар на Република Северна Македонија и регистарот на Министерството за образование и наука, кое остварило право на гарантирана минимална помош согласно Законот за социјалната заштита. Домаќинство во смисла на Законот за заштита на децата  е едночлено  домаќинство или заедница на членови на семејството,  како и други роднини меѓу кои не постои законска обврска за меѓусебно издржување, кои заеднички живеат, придонесуваат, стопанисуваат и трошат.

За самохран родител на дете за кое се остварува право на детски додаток и/или право на додаток за образование, во смисла на Законот за заштита на децата, се смета родител на:

  • дете кое го издржува, ако другиот родител е починат;
  • дете кое по смртта на еден родител остварило право на семејна пензија, а другиот родител е во работен однос;
  • дете кое по смртта на еден родител остварило право на семејна пензија, а другиот родител не е во работен однос;
  • дете од разведен брак ако  родителот кај кого детето живее не живее во брачна, односно вонбрачна заедница;
  • дете на кое едниот  родител е непознат иo дете на кое едниот родител се води за исчезнат.

Правото на додаток за образование се остварува во зависнот од материјалната состојба на домаќинството.

Право на додаток за образование има дете во домаќинство чии вкупни просечни месечни приходи остварени во последните три месеци пред поднесување на барањето и во текот на користењето на правото по сите основи на сите членови во домаќинството е во висина до прагот за пристап на правото на додаток за образование согласно Законот за заштита на децата. 

За приходи на вкупниот број на членови на домаќинството се сметаат:

1. Доход од работа;

2. Пензија остварена во Република Северна Македонија;

3. Доход од самостојна дејност;

4. Доход од авторски и сродни права;

5. Доход од продажба на сопствени земјоделски производи;

6. Доход од права од индустриска сопственост;

7. Доход од закуп и подзакуп;

8. Доход од капитал;

9. Капитални добивки;

10. Добивки од игри на среќа;

11. Доход од осигурување;

12. Друг доход;

13. Право на социјална сигурност за старите лица;

14. Паричен надоместок по основ на невработеност;

15. Воена инвалиднина;

16. Цивилна инвалиднина;

17. Законска издршка;

18. Родителски додаток за детe;

19. Финансиска поддршка од областа на земјоделството и руралниот развоj;

20. Траен надоместок;

21. Надоместок на плата за скратено работно време  и

22. Додаток за образование на лице кое до 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа.

ПРАВО НА ДОДАТОК ЗА ОБРАЗОВАНИЕ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ОСТВАРИ ЗА ДЕТЕ АКО ДОМАЌИНСТВОТО ПОСЕДУВА:

  • друга семејна куќа или стан во која не живее или не ја користи за живеење,
  • стан или куќа во градба,
  • деловен простор, 
  • заштеди/штеден влог во вредност над 70.000 денари
  • хартии од вредност и
  • градежно земјиште, освен земјиштето на кое се наоѓа објектот каде корисникот живее.

Како приход при остварување и користење на правото на додаток за образование не се сметаат: гарантирана минимална помош, надоместок за помош и нега од друго лице, надоместок заради попреченост, додаток за домување, еднократна парична помош, паричен надоместок за трошоците за сместено лице и надоместок за згрижување на лице во згрижувачко семејство, еднократна парична помош за новороденче, посебен додаток,  детски додаток, законска издршка за дете во висина до 6.000 денари, надоместок за попишувач за изршување на работи во врска со спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија на членовите на домаќинството, паричен надоместок што се исплаќа во рамки на ИПА проект, финансиран од Европска унија и спроведен во Министерството за труд и социјална политика, приход по основ на работно ангажирање за општинско корисна работа согласно програма од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, надоместок за посета на обука, остварен согласно програми/мерки од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, стипендија, приход по основ на работно ангажирање за извршување на јавни работи, сезонски работи и други повремени работи согласно Законот за работните односи, донации во согласност со Законот за донации, надоместок за практична обука на ученици и практична настава на студенти, надомест за практикантска работа согласно Законот за практиканство, надоместок за волонтери согласно Законот за волонтерство, финансиска помош добиена за лекување во земјата или во странство, надоместок кој произлегува од активности поврзани со безбедноста и одбраната на Република Северна Македонија, пријавени или остварените нето приходи од продажба на сопствени земјоделски производи на сите членови на домаќинството  во висина од 80% од остварениот доход во последните 12 месеци и пријавени или остварени нето приходи од друг доход на сите членови на домаќинството, во висина до 30.000 денари во последните 12 месеци.

Правото на додаток на образование се користи за дете кое присуствува на најмалку 85% од вкупниот број на реализирани наставни часови и не користело додаток за образование за истата учебна година.

Проверката на исполнетост на условот за исплата на додатокот за образование, се врши за секој од следниве мерни периоди: 

  • прв  мерен период од 1 септември до  31 октомври во тековната календарска година,
  • втор мерен период од 1 ноември  до 31 декември во тековната календарска година,
  • трет мерен период од 20 јануари  до 31 март во наредната календарска година и
  • четврт мерен период од 1 април  до крајот на наставната година. 

ВИСИНАТА НА ДОДАТОКОТ ЗА ОБРАЗОВАНИЕ изнесува:

  • 700 денари месечно за ученик во основно образование, односно 8.400 денари изнесува годишниот износ,
  • 1.000 денари месечно за ученик во средно образование, односно 12.000 годишно. 

Висината на додатокот за образование се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година објавени од Државниот завод за статистика во јануари за тековната година. Во случај кога нема пораст на трошоците на живот за претходната година, не се врши усогласување на висината на додатокот за образование. 

Исплатата  се врши во четири еднакви износи од по 2.100 денари за ученик во основно образование, односно од по 3.000 денари за ученик во средно образование, по завршување на секој од мерните периоди. 

Исплатата на додатокот за образование се врши на мајката, за чие дете/деца се исплатува додатокот за образование за тековната наставна година, а доколку на мајката од оправдани причини не може да и се исплати додатокот за образование, исплатата се врши на таткото. Оправдани причини се кога мајката:

  • не е жива,
  • го напуштила детето,
  • е на издржување казна затвор,
  • е на  континуирано болничко лекување повеќе од три месеци,
  • е со сериозно нарушена здравствена состојба и
  • е со одземена деловна способност.

Право на додаток за образование има и старател на дете без родители и без родителска грижа кое не е сместено во установа за вон-семејна социјална заштита. 

Правото на додаток за образование престанува да се користи кога:

  • детето повеќе не е на средношколска возраст согласно закон,
  • детето го прекинало посетувањето на училиштето, 
  • правото е остварено врз основа на невистинити или нецелосни податоци и
  • корисникот на додатокот за образование поднесе барање за престанок на правото на додаток за образование.

Исплатата на додатокот за образование се врши во четири мерни периоди, и тоа:

  • за првиот мерен период во текот на месец декември во тековната календарска година, 
  • за вториот мерен период во текот на месец февруари во наредната  календарска година,
  • за третиот мерен период во текот на месец мај во тековната календарска година и 
  • за четвртиот мерен период исплатата се врши во текот на месец јули во тековната календарска година. 

ПОСТАПКАТА ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВОТО НА ДОДАТОК ЗА ОБРАЗОВАНИЕ се поведува по поднесено барање на родителот, односно старателот на детето. Поднесувачот на барањето е одговорен за вистинитоста на податовите во барањето. Барањето за остварување на правото со потребна документација се поднесува до центарот за социјална работа, надлежен за подрачјето на кое мајката има живеалиште или престојувалиште. Барањето за остварување на правото за додаток за образование со потребната документација се поднесува до надлежниот центар за социјална работа и тоа од 1 септември  во тековната година заклучно со 31 март во наредната година. За да се оствари правото за додаток за образование за прв мерен период барањето треба да се поднесе најдоцна до 15 октомври во тековната година. Корисникот на правото на додаток за образование е должен надлежниот центар за социјална работа да го извести за секоја промена на фактите и околностите кои биле основа за признавање на правото најдоцна во рок од 15 дена од денот кога настанале тие промени, во спротивно му престанува правото, како и во случај ако дал невистинити податоци.

Центарот за социјална работа по службена должност повремено, а најмалку еднаш годишно го преиспитува постоењето на фактите и условите за стекнување и користење на правото за заштита на децата и доколку утврди дека истите се променети,  донесува ново решение.

Центарот за социјална работа ја утврдува потребата за остварување и користење на правото на додаток за образование врз основа на извршен непосреден увид во домаќинството на подносителот на барањето и корисникот на правото, согласно Законот за социјалната заштита.

По жалба против решението на центарот за социјална работа како првостепен орган решава Министерството за труд и социјална политика како второстепен орган.

Барањето за остварување на правото на додаток за образование се поднесува на Образец БДО „ Барање за остварување на право на додаток за образование“- ПРИЛОГ бр.5 БДО

 

Додаток за образование на лице кое до 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа

Лице, кое до својата 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа, а е редовен ученик во средно училиште има право на додаток за образование.

Состојбата на приходите на лице кое до 18 години возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа, се утврдува врз основа на вкупните просечни месечни приходи за него и членовите на неговото домаќинство во висина до прагот за пристап на правото на додаток за образование согласно Законот за заштита на децата, остварени во последните три месеци пред поднесување на барањето и тоа:

1. Доход од работа;

2. Пензија остварена во Република Северна Македонија;

3. Доход од самостојна дејност;

4. Доход од авторски и сродни права;

5. Доход од продажба на сопствени земјоделски производи;

6. Доход од права од индустриска сопственост;

7. Доход од закуп и подзакуп;

8. Доход од капитал;

9. Капитални добивки;

10. Добивки од игри на среќа;

11. Доход од осигурување;

12. Друг доход;

13. Право на социјална сигурност за старите лица;

14. Паричен надоместок по основ на невработеност;

15. Воена инвалиднина;

16. Цивилна инвалиднина;

17. Законска издршка;

18. Родителски додаток за детe;

19. Финансиска поддршка од областа на земјоделството и руралниот развоj;

20. Траен надоместок;

21. Надоместок на плата за скратено работно време и

22. Додаток за образование на лице кое до 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа.

Како имот и имотни права на лицето кое до 18 години возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа и членовите на неговото домаќинство од кој може да се издржува, се смета: друга семејна куќа или стан во која не живее или не ја користи за живеење, стан или куќа во градба, деловен простор, заштеди/штеден влог во вредност над 70.000 денари,  хартии од вредност и градежно земјиште, освен земјиштето на кое се наоѓа објектот каде корисникот живее.

Како приход не се сметаат: гарантирана минимална помош, надоместок за помош и нега од друго лице, надоместок заради попреченост, додаток за домување, еднократна парична помош, паричен надоместок за трошоците за сместено лице и надоместок за згрижување на лице во згрижувачко семејство, еднократна парична помош за новороденче, посебен додаток, детски додаток, законска издршка за дете во висина до 6.000 денари, надоместок за попишувач за изршување на работи во врска со спроведувањето на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија на членовите на домаќинството, паричен надоместок што се исплаќа во рамки на ИПА проект, финансиран од Европска унија и спроведен во Министерството за труд и социјална политика, приход по основ на работно ангажирање за општинско корисна работа согласно програма од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, надоместок за посета на обука, остварен согласно програми/мерки од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување, стипендија, приход по основ на работно ангажирање за извршување на јавни работи, сезонски работи и други повремени работи согласно Законот за работните односи, донации во согласност со Законот за донации, надоместок за практична обука на ученици и практична настава на студенти, надомест за практикантска работа согласно Законот за практиканство, надоместок за волонтери согласно Законот за волонтерство, финансиска помош добиена за лекување во земјата или во странство, надоместок кој произлегува од активности поврзани со безбедноста и одбраната на Република Северна Македонија, пријавени или остварените нето приходи од продажба на сопствени земјоделски производи на сите членови на домаќинството во висина од 80% од остварениот доход во последните 12 месеци и пријавени или остварени нето приходи од друг доход на сите членови на домаќинството, во висина до 30.000 денари во последните 12 месеци.

ВИСИНАТА НА ПРАВОТО ЗА ДОДАТОК ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ЗА ЛИЦЕТО КОЕ ДО СВОЈАТА 18 ГОДИШНА ВОЗРАСТ  ИМАЛО СТАТУС НА ДЕТЕ БЕЗ РОДИТЕЛИ И РОДИТЕЛСКА ГРИЖА изнесува:

  • 1.600 денари месечно доколку лицето користи гарантирана минимална помош,
  • 5.600 денари месечно доколку лицето не користи гарантирана минимална помош и ако лицето нема приходи и имот од кој може да се издржува.

Висината на додатокот за образование се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година.

Барањето за остварување на правото на  додаток  за образование се поднесува на Образец БДО/Д18: Барање за остварување на право на додаток за образование, за лице кое до 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа – ПРИЛОГ бр.5А БДО/Д18.

Право на додаток за образование има и лице кое до својата 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа, а кое е запишано како редовен студент на некој од јавните високообразовни универзитети во Република Северна Македонија, за секоја редовна студиска година, најдоцна до 26 годишна возраст. Лицето кое до својата 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа, доколку се запише на втор циклус магистерски студии има право на додаток за образование за времетраењето на магистерските студии, но најмногу до три години од денот на запишувањето.

Лицето кое до својата 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа, доколку се запише на трет циклус докторски студии има право на додаток за образование  за времетраењето на докторските студии, но најмногу до шест години од денот на запишувањето. Додатокот за образование на лицето кое до својата 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа му престанува доколку ја презапише студиската година, односно се запише на иста студиска година на друга јавна високообразовна установа. Ова право може повторно да се оствари со запишување на следната студиска година на ист циклус на студии.

Лицето кое до својата 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа еднаш годишно до центарот за социјална работа доставува потврда за редовно запишување на студиската година и извршување на обврските од магистерките и докторските студии, согласно статутот на јавната високообразовна установа, а најдоцна еден месец по почетокот на студиската година. 

ВИСИНАТА НА ДОДАТОК ЗА ОБРАЗОВАНИЕ ЗА ЛИЦЕТО КОЕ ДО СВОЈАТА 18 ГОДИШНА ВОЗРАСТ ИМАЛО СТАТУС НА ДЕТЕ БЕЗ РОДИТЕЛИ И РОДИТЕЛСКА ГРИЖА ИЗНЕСУВА:

  • 12.000 денари месечно ако лицето користи социјален стан под закуп,
  • 24.000 денари месечно ако лицето не користи социјален стан под закуп.

Висината на додаток за образование се усогласува со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика, во јануари за тековната година. Ова право се остварува и користи независно од материјалната состојба.

Барањето за остварување на правото на додаток  за образование се поднесува на Образец БДО/ДС: Барање за остварување на право на додаток за образование за студент, кој до 18 годишна возраст имал статус на дете без родители и родителака грижа–ПРИЛОГ бр.5Б БДО/ДС 

ПОСТАПКАТА ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВОТО НА  ДОДАТОК ЗА ОБРАЗОВАНИЕ на лице кое до својата 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа се поведува по поднесено барање до центарот надлежен за подрачјето на кое лицето како подносител на барањето има живеалиште или престојувалиште. Подносителот  на барањето е одговорен за вистинитоста на податоците во барањето.

Корисникот на правото на додаток за образование е должен надлежниот центар за социјална работа да го извести за секоја промена на фактите и околностите кои биле основа за признавање на правото најдоцна во рок од 15 дена од денот кога настанале тие промени, во спротивно му престанува правото, како и во случај ако дал невистинити податоци.

Центарот за социјална работа по службена должност повремено, а најмалку еднаш годишно го преиспитува постоењето на фактите и условите за стекнување и користење на правото за заштита на децата и доколку утврди дека истите се променети,  донесува ново решение.

Со еден клик до сите услуги
Uslugi.gov.mk
Кликни тука
-->
Овој веб сајт користи колачиња "Cookies", за да го подобри корисничкото искуство.

Доколку ги прифаќате условите притиснете “Се согласувам”. Повеќе инфо.

var prevDropDown = null; function dropDown(src) { if (prevDropDown != null) { prevDropDown.className = "mnuHidden"; } var id = src.id; var subMenuTable; var childID = id + '_submenu'; subMenuTable = document.getElementById(childID); subMenuTable.className = "mnuVisible"; prevDropDown = subMenuTable; }