Завршна конференција на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“


Државниот секретар на Министерството за труд и социјална политика Енвер Хусејин се обрати на завршната конференција од проектот “Унапредување на социјалниот дијалог” кој во изминатите две и пол години во Македонија, се реазлизираше благодарение на поддршката на Европската Унија и ангажманот на Меѓународната организација на трудот.

Во рамките на овој проект имаше голем број на активности наменети за зајакнување на социјалниот дијалог на централно и на локално ниво, за зајакнување на капацитетите на социјалните партнери на национално, гранково и на локално ниво, вклучувајќи и ефективен механизам за колективно договарање, како и воспоставување на оперативен  механизам за мирно решавање на индивидуланите и колективните работни спорови.

“Искуството од имплементацијата на овој проект недвојбено покажува дека кога имате јасни цели и високо ниво на разбирање и соработка меѓу партнерите, тогаш резултатите се неизбежни и видливи и покрај објективните предизвици со кои сите ние се соочуваме во овој период. Обемот и разновидноста на спроведените активности се одличен показател за тоа дека овој проект ја исполни својата клучна цел – да креира услови за подобрување на трипартитниот и бипартитниот социјален дијалог како начин за постигнување економски развој и социјален напредок во нашата земја”, потенцираше во своето обраќање државниот секртера Енвер Хусејин.

 

 

Дополнително, во рамки на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“, направени се и анализи на домашното законодавство во областа на трудовото право и на степенот на неговото хармонизирање со регулативата на ЕУ и со меѓународните стандарди, и на таа основа издадени се препораки за наредните чекори што треба да се направат во оваа сфера. 

Исто така, благодарение на Проектот, проширена е мрежата на локални економско-социјални совети и зголемена е оперативноста и функционалноста на националниот економско-социјален совет, како тела кои имаат огромна улога во размена на мислења и услогласување на политиките од областа на економскиот и социјалниот развој помеѓу реперезентативните претставници на работниците, работодавачите и на државата.Проектот обезбеди и реална поддршка на организациите кои учествуваат во трипартитниот и бипартитниот социјален дијалог, со која тие ги зајакнаа своите капацитети, добија релевантно know-how и пристап до релевантни меѓународни искуства што резултираше со зголемување на бројот на склучени колективни договори на ниво на индустриски сектори и компании, како и зголемување на нивните активности.

“Како резултат на поттикот и јасната поддршка на сите нивоа што ја обезбеди Проектот, како и ангажманот на стручните лица на Министерството за труд и социјална политика и на останатите партнери, креиран е ефикасен механизам кој овозможи побрзо, поефикасно и финансиски поисплатливо вонсудско решавање на споровите меѓу работниците и работодавачите. На овој начин се создадоа услови да започне имплементацијата на Законот за мирно решавање на работните спорови што е уште една огромна придобивка од реализираните активности во рамки на овој Проект”, рече државниот секретар Хусејин. 

Досегашното искуство покажува дека следниот предизвик на кој треба да се работи е како да се искористат придобивките од Проектот и по неговото завршување. Задача на сите партнери кои беа активно вклучени во неговата реализација и кои се активни чинители во социјалниот дијалог е да го стават  целосно во функција сето она што е направено досега и да најдат начини тоа да го прошират.

Хусејин изрази благодарност до сите институции, организации и поединци кои беа вклучени и дадоа придонес кон успешната реализација на поставените цели на овој Проект, посебно до Меѓународната организација на трудот, Европската Комисија која го финансираше проектот, како и до претставниците на сите организации–социјалнитепартнери–кои како корисници беа вклучени во реализацијата на активностите.