Заменикот министер Бајрактар на дебата посветена на унапредувањето на правата на лицата со попреченост

Заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар учествуваше на дебата на тема „Игра на среќа врз несреќните – јаболко на раздорот”  организирана од Полио Плус-движење против хендикеп, а со цел да се отвори прашањето за распределбата и целисходноста на распределбата на средствата од игрите на среќа и забавни игри.

Дебата посветена на унапредувањето на правата на лицата со  попреченост во нашата држава и приближувањето кон одредбите од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост е важна бидејќи за подобар и поквалитетен живот на лицата со попреченост потребно е јакнење на капацитетите на граѓанските организации, посебно на организациите на лицата со попреченост.

Министерството за труд и социјална политика секоја година од Буџетот на Република Македонија, преку средствата обезбедени од игрите на среќа ги финансира инвалидските организации на кои им дава средства врз основа на програми и програмски активности.

,,Од минатата  година покрај за програми и програмски активности на годишно ниво, побаравме да ни достават и проекти во кои ќе бидат наведени финансиските конструкции за секој проект посебно, со што ние како Министерство би имале подобар увид во тоа што се работи и дали тие проекти реално придонесуваат за подобар и поквалитетен живот на лицата со попреченост”, потенцираше заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар.

 Тој додаде дека се извршија и повеќе ревизии за да се испита работењето  на инвалидскитте организации и да се утврди како и дали наменски се трошеле овие буџетски средства. Со овој мехаизам на засилени контроли и барање на отчетност за потрошеното, се очекува да се добијат подобри и издржани проекти коишто ќе бидат во прилог на лицата со попреченост.

Наша интенција како Министерство, рече Бајрактар,  е средствата да се користат наменски и со цел за унапредување на правата  и условите на лицата со попреченост.