Средба на министерката Шахпаска со директорите на Центрите за социјална работа: Достапноста, одговорноста, отчетноста и ефикасноста се принципите врз кои треба да се темели нашата работа

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска оствари средба со директорите на Центрите за социјална работа на ниво на држава, на која се разговараше за потребите и предизвиците со кои тие се соочуваат и нивното понатамошно успешно решавање и надминување.

Министерката Шахпаска во разговор со присутните директори посочи дека достапноста, одговорноста, отчетноста и ефикасноста се принципите врз кои треба да функционираат сите чинители во општествениот систем , за тој да функционира, со посебен акцент на лицата кои се одговорни за решавање на социјалните предизвици , како што се Центрите за социјална работа.

 

На средбата се разговараше на повеќе теми кои се опфатени во делокругот на работењето на Центрите за социјална работа. Старателството, водење на случај  и неговата имплементација, подготвеноста на Дневните  центри за лица со попреченост за повторно нивно отворање, состојбата со капацитет на згрижувачки семејства и мали групни домови, како и интегрирање на социјалните случаи како активни учесници во пазарот на трудот.

На средбата се разговараше и за функционирањето на шелтер центрите, особено за порастот на семејното насилство изминатиов период каде најголем број жртви се старите лица.

„Со поголемото интегрирање на социјалните случаи како активни учесници на пазарот на трудот и нивно  извлекување од сиромаштија покрај тоа што го намалуваме бројот на корисници на социјална помош, им помагаме на овие лица активно да се вклучат во општеството и самостојно да функционираат, што претставува дел од социјалната реформа“, истакна министерката Шахпаска.

 

Таа повика на поголема вклученост во идејни решенија и реализација на проекти од страна на Центрите а во соработка со Општините , за адаптација, реконструкција и градење на домови, градинки , центри и слично, односно поголем обем на капитални инвестиции.

Заеднички беше заклучокот дека соработката и поддршката продолжува и понатаму за да се создаде општество кое се грижи заоние на кои им е тоа потребно , со акцент на најранливите категории на граѓани.