Родители и експерти разговараа за позитивно родителство на настан во Скопје

Денеска во Скопје се одржа петиот настан „Разговори за родителството“ на кој присуствуваа над 300 луѓе. Целта на овие настани е да се разбуди свеста за развивање и надградување на родителските вештини и се дел од кампањата „И родителството се учи“ на УНИЦЕФ, ЕУ и Министерството за труд и социјална политика.

„Секое искуство на детето влијае на начинот на кој тоа размислува, се чуствува, однесува и учи понатаму во животот. Она што го зборуваме дома, начинот на кој воспитуваме нашите деца се одразува на нивното однесување надвор од домот и директно влијае на создавањето на позитивно општество. Секој од нас треба да е свесен дека иако љубовта ни доаѓа придодно, родителството навистина се учи. Да се трудиме да бидеме подобри родители, за нашите деца и за посветла иднина“, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Во над 15 градинки низ Македонија се воспоставуваат советувалишта за родители, чија цел е да работат токму на развој на успешното родителство.МТСП работи на зголемување на бројот на овие советувалишта, но и на зголемување на капацитетите на градинките и на јакнење на компетенциите на кадарот со што го зголемува опфатот на деца во предучилишно образование.

„Кампањата започна со разговори низ целата земја за научните факти во врска со развојот на човечкиот мозок, емотивното приврзување, развојот на карактерот, различните родителски стилови и влијанието на негативните искуства од детството и стресот врз развојот на децата.  Кампањата ја нагласи потребата од програми и советувалишта за поддршка на родителите. Кога општеството им помага на родителите да подигаат деца кои имаат здрава приврзаност, кои се стумулирани, кои веруваат во себе, упорни се, имаат емпатија, знаат како да се справат со разочарување и можат да учат и да откриваат нови работи - тогаш создаваме животен циклус на лично човечко поврзување и развој и посилно, просперитетно и безбедно општество,” рече г. Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

Претходно настанот „Разговори за родителство“се одржа во Куманово, Гостивар, Струмица и Битола. Присутните имаа можност да научат повеќе за развојот на детскиот мозок, емотивното приврзување, градењето на карактерот, родителските стилови и ефектите од негативните искуства врз детскиот развој.