Промоција на проект во Центарот за сензорна терапија ,,Во мојот свет’’- Социјалните услуги треба да бидат достапни за сите граѓани

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, амбасадорот на Република Бугарија Иван Петков  и градоначалникот на општина Аеродром Златко Марин го посетија Центарот за сензорна терапија ,,Во мојот свет’’, каде што ќе се реализира Проект за ран третман и терапија на деца со аутистичен спектар на нарушување, од социјално загрозени семејства. Координаторот на проектот, Александар Стојановски го презентираше проектот изработен од страна на МТСП во соработка со здружението ,,Во мојот свет’’. Финансиските средства во износ од 30 илјади евра се донација од Министерството за надворешни работи на Република Бугарија.

Министерката Царовска упати благодарност до амбасадорот Петков за поддршката со која на децата од социјално ранливи категории им се овозможува пристап до услугите на Центарот.

,,Нашата цел е да ги поддржиме постоечките социјални услуги, но и да развиеме нови и да ги поддржуваме. Важно е овие сервиси да бидат достапни до сите граѓани, значи и за оние кои имаат помалку финансиски средства. Токму затоа е важен овој проект, затоа што ќе има социјални пакети. Тоа е основната алка која недостасува во социјалниот систем и на која сите заедно работиме. Секоја поддршка на овој пат за реформа на системот на социјална заштита и воспоставување на социјални услуги е добредојдена. Затоа сакам да изразам огромна благодарност до Република Бугарија, до општината Аеродром, но исто така и до социјалните партнери’’

Амбасадорот Петков изјави: ,,Мене ми е чест и задоволство да го видам почетокот на овој проект. Ние сметаме дека аутизмот не е болест, туку состојба. Нас не радува што (овде) има прогрес, има успех. Нашата држава и амбасадата ја помага оваа дејност повеќе години. Сакам да упатам благодарност до Владата на премиерот Зоран Заев што ни подадоа рака, особено до министерката Царовска која пројави храброст и го почна овој проект, и до општина Аеродром за гостопримството. Сметам дека ова е  еден исклучително корисен проект за сите деца’’.

Градоначалникот на општина Аеродром, Златко Марин посочи дека општината потпиша Меморандум за соработка со здружението „Во мојот свет“.

,,Определивме средства од Буџетот на општината за подобро функционирање на ова здружение и работа во втора смена. Исто така, ќе продолжи соработката со здружението и колку што може општината и понатаму ќе помага“.