Отворени нови занимални во ЈОУДГ “Весели цветови” во Делчево за згрижување на нови 100 деца

Претседателот на Владата на Република Македонија Емил Димитриев, министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими и градоначалникот на Делчево Дарко Шехтански ги отворија четирите нови занимални во ЈОУДГ “Весели цветови” во Делчево каде се згрижија стотина дечиња кои беа на листата на чекање. Со ова бројот на дечињата згрижени во оваа градинка се зголеми на 340.

Изградбата на новите занимални е уште еден пример, како со добра соработка меѓу Владата и општините се реализираат проекти за една од највиталните генерации во државава, најмалите дечиња потенцираше премиерот Димитриев и додаде:

“Само во 2016 година на територија на Република Македонија се згрижени нови 1.400 дечиња, а процентот на опфатот на дечиња е триплиран. Тоа доволно зборува дека Владата е на добар пат да го реши овој проблем на едно високо и квалитетно ниво, особено со проектот за изградба на 140 нови градинки. Сметаме дека барањата на жителите на РМ за сместување на децата во ваквите установи, ќе бидат во целост исполнети”, рече Димитриев.

Минстерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими рече дека Владата е посветена целосно за отворање на нови објекти, но истовремено и дека се создаваат одлични услови за поттикнување на приватниот сектор за инвестиции во вакви објекти.

“Владата со доделување на грантови за отворање на детски градинки, со поволности при изградбата на самите детски градинки и кредити од Македонската банка за поддршка на развојот од 5,5 проценти на годишно ниво и од страна на самите општини за намалување на комуналиите за изградба на вакви објекти од 95 проценти и со цената од 1 евро од метар квадратен за откуп на земјиште, ги поттикнуваме сите оние кои се заинтересирани да инвестираат во отворање на детски градинки, бидејќи ќе помогнат и за развој на нивниот сопствен бизнис и за развој на самото општество”, рече Ибрахими.

Министерот Ибрахими додаде дека од 2008 година до денес е отворена 21 приватна детска установа, а исто така, опфатот во овој период е зголемен за 40 проценти за децата од 0 до 6 години.

Градоначалникот на Делчево, Дарко Шехтански истакна дека инвестицијата во детската градинка  е од огромно значење за општина Делчево затоа што 160 дечиња што беа на листата на чекање сега се опфатени во градинката.

Инвестицијата е 2,7 милиони денари од буџетот на Општина Делчево, околу 18,5 милиони задолжување преку Владата со кредит од Светската банка, и нешто помалку од еден милион денари набавени од страна на градинката.