МТСП: Работна средба по повод Светскиот ден на лицата со Даунов синдром-Заедно можеме да изградиме едно општество за сите 

По повод 21-ви март, Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, во Министерството за труд и социјална политика се одржа работна средба со претставници на граѓанските организации ,,Трисомија 21’’, ,,Центар за Даунов синдром’’, како и со родители и лица со Даунов синдром. 

На средбата се разговараше за барањата за подобрување и заштита на правата и интересите на овие наши сограѓани од областа на детската и социјална заштита, работните односи и пензискиот систем, како и за претстојните реформи во делот на обезбедување услуги и поддршка на овие лица во нивното место на живеење.

Министерката Царовска ги извести присутните дека Владата на последната седница го усвои Проектот за воведување на професионална рехабилитација и планот за отворање два центри за оваа намена во Скопје и во Струмица, како и за активностите кои што се преземаат во насока на деинституционализација. 

Во однос на Дневниот центар за деца со Даунов синдром во Скопје, чија изградба и опремување е во завршна фаза, договорена е динамика за изработка на програмата за работа на овој центар според потребите и барањата на корисниците.