МТСП и УНИЦЕФ ја промовираа кампањата „На секое дете му треба семејство“

Министерството за труд и социјална политика и  УНИЦЕФ  ја отпочнаа кампањата „На секое дете му треба семејство“ која има за цел да ги поттикне граѓаните да станат згрижувачи на деца без родителска грижа и да им овозможат да растат во безбедно и грижливо семејно опкружување исполнето со љубов. Кампањата има за цел и да мобилизира поддршка за решенија за грижа во семејно опкружување на ниво на заедницата, наспроти институционално згрижување.

Почетокот на кампањата го означија млади луѓе со флеш моб пеејќи ја познатата песна „Галебе мој тажен“ – песна која е дел од видеото на кампањата – и испратија едноставна и силна порака „Дали имате љубов за давање?“.

„На секое дете му е потребно семејство. Слоганот на оваа кампања најдобро го опишува процесот на деинституционализација. Термин кој е сложен и тежок за разбирање, но означува реформа која е крајно хумана и насушно потребна во нашата земја,” рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. “Преку деинституционализацијата, до 2020 година сите деца на возраст од 0 до 3 години ќе ги извлечеме од институциите и ќе ги сместиме во мали групни домови, згрижувачки семејства или друга форма на соодветно сместување.”

Целта на кампањата е да поттикне поддршка за алтернативна грижа за децата наспроти сместувањето во големи институции и да даде поддршка да се стави крај на сместувањето деца помали од три години во големи институции до 2020. Во моментот над двеста деца – бебиња помали од три години, деца со попреченост и деца кои се одделени од своите родители поради злоупотреба или насилство – се згрижени во големи институции во земјава.

„Кога грижата на семејството ја нема, на детето му препукнува срцето и му штети на растот и на развојот затоа што без оглед колку добронамерен и обучен е персоналот и без оглед колку е добро опремена големата институција, таа никогаш не може да ја замени љубовта и поддршката на семејната средина,“ рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ. „ Со оваа кампања сакаме да помогнеме да се мобилизира доволен број згрижувачки семејства кои имаат љубов за давање на децата кои се во моментот сместени во големи институции и да обезбедиме создавање широка мрежа семејства што се подготвени да ги отворат своите срца и домови за децата на кои може да им треба згрижување во иднина.“

Кампањата беше изработена да го одбележи Светскиот ден на семејството и Националниот ден на згрижувачки семејства. Преку познатата македонска песна телевизискиот спот со порака „Дали имате љубов за давање„  ќе се емитува на националните телевизии и на девет регионални телевизии. Покрај радио, печатен материјал, билборди и дигитални материјали, кампањата вклучува и други начини на вклучување на луѓето во оваа иницијатива. Над педесет познати лица ќе и се приклучат на кампањата и ќе ја дадат поддршка преку своите профили на социјалните медиуми.

Во текот на наредните два месеци ќе се организираат отворени денови во триесет града преку локалната самоуправа, центрите за социјална работа и СОС Детско село за да им се даде на граѓаните низ целата земја можност да дознаат повеќе и да станат згрижувачки семејства.

Иницијативата е дел од заложбите на Владата да обезбеди услови за секое дете без родителска грижа во земјата да расте во безбедна и грижлива семејна средина. Тоа се постигнува преку вложување во превентивни активности и поддршка на биолошките семејства; развивање нови форми на згрижување и проширување на мрежата на згрижувачки семејства; инвестиции во подобрување на квалитетот на алтернативни решенија за грижа преку нивна стандардизација и вложување во рана детекција и рана интервенција на тешкотии во развојот кај децата.