Министрите Филипче и Царовска на одбележување на Светскиот ден на население: Родовата еднаквост, како една од развојните цели на ОН, е клучна алатка за напредок на општеството

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, денеска учествуваа на одбележувањето на Светскиот ден на населението, преку дискусија на тема „Обмислени лидерски разговори за Меѓународна конференција за население и развој (ICPD) - Што се променило во последните 25 години?“, во организација на Фондот за население на Обединетите нации - УНФПА.

Во своето обраќање, министерот Филипче потенцираше дека за првпат во 2010 година е донесена првата Национална стратегија за сексуално и репродуктивно здравје (СРЗ) за период 2010-2020 година, која ги дефинираше приоритетите за сексуалното и репродуктивно здравје, односно како да ги планира, мобилизира и координира ресурсите неопходни за ефективна акција базирани на четири главни принципи: човекови права, родова еднаквост, мултисекторски пристап и вклученост на заедниците. 

„Со цел имплементација на Националната стратегија, во 2016 година, од Министерството за здравство со поддршка на УНФПА – Фонд за население при Обединетите нации, беше спроведена проценка на Националната стратегија за сексуално и репродуктивно здравје, и согласно извештајот од националната проценка во текот на 2017 беа спроведени серија од консултативни работилници со разни чинители во државата и за првпат се подготви Акциски план за имплементација периодот 2018 – 2020“, рече министерот Филипче.

Акцискиот  план за периодот 2018 – 2020 ги содржи следниве стратешки области сите од област на репродуктивно здравје: планирање на семејство, сексуално и репродуктивно здравје на адолесценти и млади, матернално и неонатално здравје, безбеден абортус, родово-базирано насилство, превенција и рано откривање на рак на грло на матка, превенција и рано откривање на рак на дојка и ХИВ и СПИ.

„Донесовме нов Закон за прекинување на бременоста, кој е полиберален за разлика од претходниот закон кој беше рестриктивен. Сега, волјата на жената е на прво место и таа самата одлучува што ќе прави со сопственото тело. Укинати се административните процедури и бариери, чекањето од 3 дена за интервенција по информирањето, воведен е и за првпат медикаментозен метод на прекинување на бременоста до 9. Гестациска недела“, истакна министерот Филипче и додаде дека Министерството за здравство, во соработка и поддршка од УНФПА, УНДП и ХЕРА отвори три центри за упатување на жртвите од сексуално насилство на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, Општата болница Куманово и Клиничката болница Тетово, само една година откако Владата на РСМ ја ратификуваше Истанбулската Конвенција и се во согласност со меѓународните стандарди, како дел од владината поддршка во напорите за сузбивање на сексуалното насилство. 

Се одржуваат обуки на здравствени работници за медицинско упатство за третман на жртва на сексуално и родово базирано насилство (гинеколози, судска медицина, матични лекари, педијатари, патронажни сестри, Завод за ментално здравје итн. Во тек е подготовка на брошура за справување со сексуалното насилство и родово базирано насилство кај лица со попреченост.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска потенцираше дека родовата еднаквост е неопходна за воспоставување одржлив развој и само ако секој од нас има еднакви права и еднакво учество во општеството можеме сите заедно да одиме напред.

„Родовата еднаквост е една од развојните цели на Обединетите нации, што значи дека е светски препознаена како клучна алатка за општествен напредок. Унапредувањето на правата на жените во ниту една земја не се завршена работа, ниту во нашата. Новите закони за социјална заштита и за недискриминација се историски исчекор во унапредувањето на заштитата подеднакво на сите граѓани и граѓанки, и продолжуваме да работиме понатаму. Министерството за труд и социјална политика направи повеќе чекори со кои се подобрува положбата на жените во општеството. Ја ратификувавме Истанбулската конвенција, а во фаза сме на изработка и на нов закон за кој ги опфаќа сите форми на насилство врз жените“, изјави министерката Царовска.

Во своето обраќање, таа додаде дека за да ја имплементираме конвенцијата истовремено се развиваат и услуги. Постои кризен центар во Скопје со престој 24/48 часа, но дополнително ќе се развиваат советувалишта и засолништа директно да влијаат на заштитата на жртвите и нивна ресоцијализација и реинтеграција во општеството.

До крајот на годината предвидено е отворање на специјализирани сервиси во 5 плански региони на територијата на државата, а во скопскиот регион, се прошируваат леглата за згрижување/сместување на жртвите на насилство.