Министерот Ибрахими во посета на родителите на децата со посебни потреби

Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими ги посети родителите на децата со посебни потреби коишто поставија шатори во паркот “Жена борец” со цел да ги слушне на лице место нивните барања. 

Според родителите барањата коишто ги доставиле до сите релевантни институции и до партиите се остварливи и дека многу малку треба да се направи за да стапат во функција со што ќе им се подобрат условите на децата со посебни потреби.Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими којшто веќе оствари претходно средба со родителот Зоран Мијалков, им вети дека ќе даде поддршка и ќе направи се што е во негова можност барањата да се реализираат.  

“Како прв човек на Министерството имаат подадена рака од мене. Барањата, оние кошто првично ги видов во делот на законските измени како министер им ветувам дека ќе ги разгледаме и најголем дел од барањата кои се однесуваат на работата на Министерството за труд и социјална политика се прифатливи. Во делот на условите им кажав дека нивното Здружение може да се вклучи во регистерот кој што го води Министерството и заеднички да изнајдеме можности за отворање на нови дневни центри низ целата држава што ќе функционираат да бидат најпрво самооддржливи, а не да се чека само од државата”, рече Ибрахими.

Тој вети дека во текот на наредниот месец ќе оствари средба со претставниците на Здружението за да се види кои се приоритетите. Според него барањата во делот на законските измени ќе го поминат владиниот филтер, но за да бидат изгласани и во Собрание ќе мора да се почека разрешување на моменталната ситуација.

Според Здружението на родителите на децата со посебни потреби барањата можат да се исполнат за шест месеци, а дел од нив за три години, бидејќи, како што велат, барањата немаат никакви финансиски импликации туку се само корегирање на играта на зборови коишто негативно се одразува на состојбите на децата со посебни потреби и на родителите.