Јавна дебата за нацрт Стратегијата за деинституционализација

На Филозофскиот факултет при УКИМ денеска се одржа јавна расправа за нацрт текстот на Националната стратегија за деинстутуционализација, една од најзначајните реформи кои ги спроведува Министерството за труд и социјална политика.

Националната стратегија предвидува трансформација на големите институции за згрижување деца и возрасни, при што во првата фаза до 2022 година целни групи се децата и лицата со попреченост, деца без родители и со воспитно социјални проблеми, а во втората фаза, возрасни со долгорочни потешкотии со менталното здравје и постари лица.

Министерката Царовска во своето воведно обраќање се заблагодари за присуството на сите чинители кои имаат знаење, искуство и волја да придонесат за подобрување на Стратегијата за деинституционализација. Со нејзиното усвојување треба да се создадат услови за реализација на овој процес и што е поважно, да не се дозволи враќање наназад и лицата кои биле деинституционализирани никогаш да не се вратат во институција. ,,Важно е да се потенцира дека гломазните институции немаат квалитет за едно лице или дете да живее во соодветни услови. Затоа топката треба да се префрли во помали единици или фокусот да се даде на згрижувачки семејства кои ќе ги поддржиме за ги развијат потенцијалите кај децата и лицата за да се вкличат во општеството и да придонесуваат во развојот за заедниците во кои живеат.’’

Во воведните обраќања, поддршка за спроведување на деинституционализацијата изразија и проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет, Никола Бертолини, шеф за соработка при ДЕУ, Луиза Винтон, постојана координаторка на ОН, Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ и проф. д-р Наташа Станојковска Трајковска, раководителка на Институтот за дефектологија. 

Со свои конструктивни забелешки и коментари, во насока на подобрување на нацрт Стратегијата, се вклучија претставници на граѓанскиот сектор, корисници на услуги од социјална заштита, претставници на државните институции и академската заедница.