Ибрахими: 37.193 корисници на пензија го искористриле правото на бањско климатска рекреација, а 4.740 правото на бесплатен туристички викенд

Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими и претстедателот на Сојуз на здруженија на пензионери на Македонија Драги Аргировски информираа дека во изминатите шест години проектот “Бањско-климатска рекреација на корисници на пензија” ги надмина позитивните очекувања. Тие изразија задоволство и од проектот “Бесплатен туристички викенд за корисници на пензија” кој започна да се реализира во 2015 година.

“Имено, од почетокот на проектот “Бањско-климатска рекреација на корисници на пензија” во 2010 година заклучно со 2016 година оваа услуга  ја искористиле 37.193 корисници на пензија. Преку проектот “Бесплатен туристички викенд за корисници на пензија” заклучно со 2016 година услугата на дводневен викенд ја искористија 4.740 корисници на пензија”, информираше министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими.

  Тој потенцираше дека овие проекти овозможуваат подобрување на здравјето на повозрасните лица и нивна рекреација и рехабилитација, како и соодветна социјализација, но, исто така влијаат и на развојот на бањскиот и хотелскиот туризам во Република Македонија. И годинава има голем интерес за двата проекта.

“За користење на услугите од овие два проекти пријавени се 20.059 корисници на пензија од кои: 14.211 корисници на пензија поднеле барање за користење на услугата бањско климатска рекреација; 2.540 корисници на пензија поднеле барање за користење на услугата бесплатен туристички викенд и 3.308 корисници на пензија барањето го поднеле за користење една од двете услуги – бањи или викенд”, информираше Ибрахими.

  Меѓуресорската Комисијата оваа недела ќе започне со разгледувањето и рангирањето на секое поединечно барање по бодови, во распон од 1 до 100 бода. Рангирањето се врши истовремено за поднесени барања за користење на двете услуги:  до 50 бодови за висината на пензијата; од 1 до 15 бодови во зависност од времетраење на користење на пензијата; од 1 до 15 бодови за вкупниот пензиски стаж пред остварувањето на правото на пензија; 10 бода за корисници на пензија кој пензијата ја оствариле како работници во рудници во подземен ископ со стаж на осигурување со зголемено траење; 10 бодови за лице што користи паричен надоместок за помош и нега од друго лице или додаток за мобилност и слепило и додаток за глувост како и лица коишто имаат инвалидност над 80%.

Како и во изминатите години така и во 2017 година услугата ќе се реализира во Здравствената установа- природно лекувалиште “Негорски бањи“ АД Негорци Гевгелија;  Друштвото за физикална медицина и специјализирана медицинска рехабилитација “Катлановска бања“ ДОО Катланово; АД Дебарски бањи Цапа; и ЈЗО Бања бањско “Цар Самуил“ Струмица.

    Услугата на “Бесплатен туристички викенд за корисници на пензија” опфаќа 2 полни пансиони (2 ноќевања со три оброка дневно), односно пристигнување во петок попладне, а заминување недела попладне и автобуски превоз до хотелскиот објект. Хотелските објекти во кои ќе бидат упатувани корисниците на пензија се наоѓаат во Охрид, Струга, Дојран, Крушево, Преспа и Берово.

Корисникот на пензија може да користи само една од услугите, односно или бањско климатска рекреација или туристички викенд.

И претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија Драги Аргировски изрази задоволство од реалзиацијата на овие два проекта, кои како што рече: “Се мошне значајни за пензионерите и им овозможуваат да се социјализираат и да воспостават нови пријателства кои потоа траат долго”.

Обезбедувањето на социјалната заштита и социјалната сигурност на повозрасните лица се потврдени во програмските активности и заложби на Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика.