До средината на јануари сите деца од Домот „11 Октомври“ ќе бидат сместени во мали групни домови

Министерството за труд и социјална политика забрзано и посветено ќе работи на процесот на деинституционализација и во новата 2019 година. До средината на јануари целосно ќе се трансформира и домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје. Дел од децата веќе се сместени во два групни дома во Скопје, а до крајот на неделата дел од децата ќе се згрижат во мал групен дом во Штип. Последната група деца се очекува Домот „11 Октомври“ да го напушти до почетокот на второто училишне полугодие. 

Пред неполни три месеци целосно беше трансформиран и Домот „25 Мај“ и сите 25 деца сега живеат во 5 мали групни домови во Скопје и се вклучено во редовниот образовен процес. Исто така до крајот на минатата година од Специјалниот завод „Демир Капија“ беа извадени сите деца до 18 години и сместени во мали групни домови каде што добија 24 часовен надзор, и индивидуализирани програми и дефектолошки третмани. Со овој процес досега бројот на деца сместени во институции се намали за 60%.

Заложбите на МТСП и на Владата се до 2020 година ниту едно дете под 18 години да не остане во институциите и целосно да го промени начинот на којшто државата се грижи за децата и возрасните коишто им е потребна долгорочна социјална грижа. Процесот на деинституционализација МТСП го спроведува во партнерство со УНИЦЕФ, УНДП и Делегацијата на ЕУ во Македонија.