Царовска: Со прифаќање на различностите, градиме праведно и слободно општество

Со танци, промоција на календар за 2019 година и базар на којшто се продаваа рaкотворби денеска децата со попреченост од четири училишта во Скопје го одбележаа меѓународниот ден на лицата со попреченост 3. Декември. Настанот, којшто се одржа во ОУ „Невена Георгиева Дуња“, го отворија министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски.

„Силно верувам дека со прифаќање на различностите можеме да изградиме поубаво, праведно и слободно општество. За жал, долги години наназад државните институции бегаа од сопствените граѓани и од нивните реални потреби. Одговорноста на оваа Влада, но и на сите нас заедно, е да создадеме иднина во која секое дете ќе има услови среќно да расте и да се развива. Токму и тоа го правиме со инклузијата на децата со попреченост во редовниот образовен процес, но и со процесот на деинституционализација. Градиме ефикасни механзиами во општеството за да може сето ова да се оствари“, рече министерката Царовска.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Каевски потенцираше дека денешниот настан е еден вид промоција на календарот за 2019 година, којшто го изработи Агенцијата, а е илустриран со творби изработени од деца со попреченост кои беа избрани по пат на конкурс. 

„Агенција за млади и спорт целосно ги поддржува лицата со попреченост и преку многубројни активности низ годината, придонесуваме кон обезбедување на инклузивност и еднаквост. Пред две недели во просториите на АМС организиравме прием за добитниците на прво место Денсерс Јунајтед МК, на Меѓународниот натпревар Светски куп во Пара Хип- Хоп групи. Исто така ги помагаме и учесниците од Македонија на Специјалната Олимпијада и се гордееме со постигнатите успеси“ рече Каевски. Градоначалникот Темелковски, изрази благодарност што настанот се организира во Општина Кисела Вода, која е една од локалните единици кадешто инклузивноста на децата со попреченост во училиштата е на високо ниво. 

Владата преку низа активности ги подобрува услугите и осигурува целосно и рамноправно учество на лицата со попреченост во сите сфери на општетсвото.