Царовска се обрати на 107-та конференција на Меѓународната организација на трудот во Женева

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, учествува на 107-та конференција на Меѓународната организација на трудот, која се оддржува во Женева. 

Овогодинешната тема на конференцијата е ,,Градење на иднина со пристојна работа”. Министерката предводи трипартитна делегација, со претставници на Владата и репрезентативните синдикати ССМ, КСС и организацијата на работодавачи ОРМ. Учесници на настанот се околу 4.000 делегати од целиот свет кои разговараат за приоритетите и потребите во областа на трудот.

Владата на Република Македонија е целосно посветена на напредувањето на заштитата на работниците и нивните права. Реализирајќи го овој приоритет, во текот на изминатата година беа донесени повеќе законски решенија коишто направија исчекор во оваа област, како што се измените во Законот за работните односи и во Законот за минимална плата. Со ова се унапредија условите за заштита на младите и на работниците во случај на престанок на работниот однос од деловни причини и се зголеми минималната плата, која е сега еднаква за сите сектори.

За време на работната посета Царовска одржа состанок со федералниот директор на Меѓународната организација на трудот, Гај Рајдер. Исто така, оствари билатерални средби со холандскиот министер за социјални работи и вработување и хрватскиот министер за труд и пензиски ситем, како и со Петер Погачар, државниот секретар на Министерството за труд, семејство, социјални работи и еднакви можности на Словенија. На средбите се разговараше за видовите договори за работа и мерки за унапредување на условите во областа на трудот.