Царовска: Родово одговорното буџетирање значи создавање еднакво општество


Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска се обрати на регионалната Конференција за родово одговорно буџетирање, која се одржува на 22-23 мај 2018 година во Скопје. 

Министерката Царовска нагласи дека вклучувањето на родовата перспектива во политиките, стратешките планови и буџетите е еден од приоритетите. Притоа, сите кои се вклучени во буџетското планирање мора да бидат свесни дека  населението не е хомогена група, а алоцираните средства треба да одговорат на потребите на сите граѓани.  

,,Родово одговорното буџетирање не е прашање на борба помеѓу мажите и жените. Напротив, тоа е прашање со кое ние создаваме еднакво општество, во кое што ги распределуваме финансиските средства на поправеден начин. Родово одговорното буџетирање е алатка која што итно треба да ја воведеме и во органските закони, но и во пракса. Нема да кажам дека тоа е лесно и едноставно или дека утре ќе се случи. Но сите заедно се заложивме од првиот ден и работиме тоа да стане реалност во нашата држава’’- изјави Царовска.

Министерката посочи дека со UN Women сe дискутира и за потребата за регионален центар за споделување на знаeња за родово одговорно буџетирање. Со оглед на посветеноста на македонската влада на родовите прашања, нашата земја би можела да го менаџира овој пат и на тој начин заеднички да ја развиваме економијата и човечкиот капацитет во регионот.