Царовска: Продолжуваме со деинституционализацијата, Корешница стана нов дом на три лица од Заводот Демир Капија

Во демиркапиското село Корешница, денеска започна со работа нов групен дом за три лица со интелектуална попреченост,коишто досега беа сместени во Специјалниот завод Демир Капија. 

Четири негуватели, поддржани од стручни лица од Заводот, ќе обезбедуваат 24 часовна грижа за корисниците и ќе им помагаат да се вклучат во општетсвото. Марија (24), Дарко (23) и Игор (24) добија дом со личен, интимен простор и можност да го организираат денот според сопствените желби и интереси. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, градоначалникот на Општина Демир Капија Лазе Петров и в.д. директорката на Специјалниот завод Демир Капија Александра Велковска им посакаа добредојде на корисниците во нивниот нов дом. 

„Деинституционализацијата ги отвора нашите заедници кон лицата кои неправедно беа изолирани со децении. Кога живеете во голема институција, не избирате како ќе го поминете денот, што ќе јадете, немате сопствено катче, целосно сте отсечен, дури и физички, од заедницата... Живеењето со поддршка е современа социјална услуга што овозможува корисниците да живеат во средина налик на семејната, да управуваат со своите животи и да учествуваат во заедницата и токму тоа го овозможуваме во малите групни домови“, рече министерката Царовска.

Царовска истакна дека новиот Закон за социјалната заштита дава можност за развивање и финасирање на социјални услуги на локално ниво во кои се очекува активна вклученост од локалнитесамоуправи и граѓанските организации. 

Градоначалникот Лазе Петров истакна дека Општина Демир Капија го обезбеди објектот во којшто е сместен домот, и истиот беше реконструиран со средства на Министерството за труд и социјална политика.

„Соработката помеѓу локалната самоуправа и Министерството за труд и социјална политика е вистинскиот начин да се обезбедат социјални услуги во заедницата. Општина Демир Капија ќе продолжи да ја поддржува трансформацијата на Специјалниот завод во современ давател на социјални услуги, со кои ќе се грижиме не само за корисниците на Заводот, туку и за потребите на нашите сограѓани“, изјави Петров.В.д. директорката на Специјалниот завод Демир Капија Александра Велковска истакна дека деинституционализацијата овозможува поквалитетно живеење за корисниците, но и подобри услови за работа на вработените. 

„Во минатото, колегите се плашеа дека овој процес води до губење на работните места. Лани беше тешко да ги убедите вработените да преминат од Заводот во групните домови, но отпорот повеќе го немаме и за работа во Корешница ни се пријавија доброволно неколку лица од Заводот“, изјави Велковска. После домовите во Неготино, с. Тимјаник и во Скопје, групниот дом во Корешница е четвртиот што обезбедува современа грижа во заедницата за лицата со интелектуална попреченост од Заводот во Демир Капија. До крајот на август ќе биде отворен уште еден групен дом за четири лица од демиркапискиот завод во Скопје, во соработка со Сојузот на специјални рехабилитатори и едукатори и Град Скопје. 

Министерството за труд и социјална политика продолжува посветено да ја спроведува Националната стратегија за деинституционализација „Тимјаник“ (2018-2027) усвоена од Владата. Досега повеќе од една третина од корисниците местени во установите се веќе преселени во алтернативни форми на згрижување. Нашата цел е до крајот на годината, ниту едно дете под 18 години повеќе да не живее во институција, додека во следните три до четири години, сите возрасни корисници да се преселат од институциите во заедницата.Процесот на деинституционализација е приближување на земјата кон ЕУ и се прави во соработка со Евроспката делегација и агенциите на ОН во Северна Македонија. 

https://wetransfer.com/downloads/18b371406e39d4a7f7e02ef27182f86720190731113250/bdc1f49beac0c5f264fd03030d45bfc720190731113250/159128