Oтворен првиот дневен центар за деца со оштетен вид   

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, директорот на Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид “Димитар Влахов”, Горанчо Јакимов, и директорот на ЈУМЦСР, Биљана Јарчевска денес го отворија првиот дневен центар за деца со оштетен вид на предучилишна возраст.       


“Дневниот центар ќе даде одлична поддршка и на децата до шест годишна возраст и на родителите на овие дечиња. Дневниот центар ќе работи во насока на рана интеграција, социјализација, предучилишно воспитување и едукација на децата со оштетен вид. Тие тука полесно и побрзо ќе можат да стекнат знаења и вештини за користење на опремата, исто така ќе можат да стекнат знаења и вештини за ориентација во просторот, ќе се работи на нивна рана социјализација на концептуален развој и препознавање на предмети, како и на развој на мотороните способности и на секојдневните вештини кај децата, рече Спасов.       

Центарот, нагласи, ќе биде одлична поддршка и за семејствата на децата со оштетен вид со стекнување на дополнителни знаења и на самите родители за подобар развој на нивните деца.     

“Со отворањето на овој Дневен центар за деца со оштетен вид од прешколска возраст навистина се покажува и се докажува грижата којашто постојано ја води Владата на Република Македонија преку ресорните министерства за оваа категорија на граѓани. Овој простор е уреден по принцип и стандардии коишто треба да ги задоволат потребите на овие дечиња и потребите на нивните родители", истакна директорот Јакимов.       

Ова е прв ваков проект, а како што нагласи министерот Спасов по минимум еден Центар за деца со оштетен вид ќе се отвора и секоја наредна година.  Дневниот центар за деца со оштетен вид е комплетна инвестиција на Министерството за труд и социјална политика и за него се издвоени 2.300.000 денари наменети за реновирање и опремување на објектот, кој претходно беше руиниран.      

Дневниот центар кој ќе работи секој ден од 8:30 до 16:30 часот, има капацитет за 15 дечиња и целосно ги задоволува потребите на оваа категорија на граѓани на територијата на градот Скопје. Министерството активно е насочено кон поголем број на проекти со цел подобрување на животот на децата и лицата со оштетен вид и целосно слепити лица во Република Македонија.       


Потпишан е нов договор за снимање на дополнителни 100 аудио книги за слепите и лицата со оштетен вид, набавени се 900 тифлотехнички помагала за Националниот сојуз на слепи лица, како и опреми и помагала како гласовни мерачи за крвен притисок, гласовни мерачи за температура, електрични гласовни ваги, рачни часовници на брајово писмо.       

И во наредниот период, нагласи Спасов,  министерството ќе продолжи со активности за зголмување на донациите за опрема на слепите и лицата со оштетен вид. Тој додаде дека набрзо ќе стартува и проектот за изградба и поставување на првите тактилни патеки за слепи лица, од Даре Џамбаз до плоштадот Македонија и во Градскиот парк во Скопје. 

 

Спасов по повод одбележувањето на 15 Октомври, Меѓународниот ден на Белиот стап се обрати на настанот во организација на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија
од каде што порача дека сплотено останува на определбата за поуспешно интегрирање на слепите лица во општествениот живот, градејќи сигурна потпора за нивна подршка. Во своето обраќање, тој ги истакна сите сегашни и идни проекти наменети за овие лица, како и дека подршката за слепите лица е нешто што мора континуирано, системски и целосно да се надополнува. Потенцираше дека тоа се луѓе со големи можности и достоинство, кои треба да ги развиваат и вложуваат заедно со сите други.

Спасов присуствуваше и на потготвената изложба од страна на членови на Сојузот.