Министерот Спасов во работна посета на Битола
 
Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов се обрати на одбележувањето на Денот на Обединетите нации-24 октомври во Битола. Пред присутните, министерот Спасов истакна дека Република Македонија како полноправна членка на Обединетите нации, вложува максимални напори да ги постигне целите кои ги има како земја во развој. 

“Една од нив е економската благосостојба за кое клучно е отворањето на нови работни места, намалување на невработеноста и привлекувањето на странски инвестиции. Министерството за труд и социјална политика во рамки на своите надлежности особено е фокусирано на неколку сегменти и тоа: креирање на нова работна сила, нудење на можности за нови вештини и способности на квалификувани кадри, разгледување и континуирано следење и надоградување на понудата и побарувачката на работната сила”, рече министерот Спасов. 


Во оваа прилика, министерот за труд и социјална политика истакна: “Во овие наши напори, имаме секогаш огромна и безрезервна поддршка од УНДП. Со заедничките иницијативи и проекти, работиме и за зголемување на интересот за економско образование, како и за директно поврзување на работодавачите и лицата коишто бараат работа, односно на работодавачите од приватниот сектор, невработените лица, учениците и студентите. Сè со една цел, а тоа е отворањето на простор за вработување на сите категории на граѓани”.


Во овој контекст, министерот Спасов ги истакна Форумите со млади лица и Форумите со работодавачи како форма на информирање со која се сака да се постигне поголемо активирање и вклучување на младите невработени лица. Во таа насока се планира: “изработка на “Оперативен план за вработување на млади” кој ќе содржи мерки за директно вработување или подобрување на вработливоста на младите лица до 29 години за кој ќе има и акционен план за вработување за 2015 година”, додаде министерот Спасов.Во напорите што повеќе млади лица да бидат опфатени во можностите за вработување создаден е комбиниран систем од економски и образовни политики во соработка со УНДП и државните универзитети.

“Плод од таа соработка се трите Инфо клубови за млади кои ги отворивме во Скопје, Тетово, Штип, а денеска и овде во Битола. Од неодамна функционира  и веб порталот prv.mk кој служи во процесот на посредување помеѓу компаниите и младите лица коишто бараат работа. Во рамките на работната посета на Битола, министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов го отвори Инфо клубот за млади во Битола, при што истакна дека: “над 3000 млади луѓе, досега, ги имаат посетено клубовите, се интересираат за можносите за (само)вработување, практиканство и ако оваа пракса на инфо клубовите продолжи со ваков тренд на интерес од младите луѓе, дефинитивно ќе размислуваме за проширување на мрежата на инфо клубови” и продолжи:

“Преку овие инфо-клубови сакаме да ја покажеме важноста информацијата за соодветно вработување и слободните работни места во Република Македонија. Студентите побрзо и полесно да дојдат до сите релевантни информации битни за нивното следно вработување и почеток на кариерата. Во оваа прилика сакам да ги нагласам ефектите од мерката за ослободување од плаќање придонеси за период од 12 месеци за приватните компании кои ќе вработат млад човек до 29 години и притоа за неколку месеци се вработија 4.300 млади луѓе кои токму на овој начин побрзо стигнаа до работа. Оваа владина поволност ќе се применува до месец март 2016 година и очекуваме максимална искористеност од страна на приватните компании”, нагласи Спасов.

Инфо-клубот при Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола ќе овозможи брзо информирање и полесен пристап до пазарот на труд на студентите кои се блиску до дипломирањето. На отворањето беа присутни и постојаниот претставник на Обединетите Нации во Република Македонија Луиза Винтон, и градоначалникот на општина Битола Владимир Талевски.