Министерот Спасов во посета на малиот групен дом во Кавадарци

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов го посети малиот групен дом во Кавадарци, кој што функционира од април 2013 година и во него се згрижени 6 деца од повеќе општини. Според министерот Спасов, овој дом претставува прекрасен пример за вонинституционална заштита на деца кои се наоѓаат во социјален ризик.

“Нашата интенција е со различни активности да го намалуваме бројот на дечиња кои се згрижени во институции, а да се зголемува бројот на згрижувачки семејства и институции како домот кои се најблиску до биолошките семејства”, изјави министерот Спасов.

Министерот Спасов посочи дека денеска, преку проектот „Подари книга" кој што го спроведува Министерството за труд и социјална политика во соработка со локалните самоуправи, детските градинки и училиштата, беа донесени книги за децата од домот.

“Тоа е еден хуман проект преку кој им овозможуваме на сите граѓани кои сакаат да донираат книги за децата без родители, тие во згрижувачките семејства и во институциите кои згрижуваат деца без родители и родителска грижа. Книгите можат да ги пратат бесплатно преку пошта, а ние ќе се погрижиме донацијата да стигне на вистинското место”, нагласи министерот Спасов. 

За неполни два месеци собрани се околу 1.300 книги кои се донирани од граѓани. 


При посетата на малиот групен дом, министерот Спасов изрази задоволство што децата од домот ќе започнат бесплатно да спортуваат како резултат на договорите за соработка со фудбалската, кошаркарската и карате федерацијата. 

“Преку овој проект се надеваме дека ќе произлезе и некој спортски талент, иден репрезентативец. Сите овие проекти може навидум изгледаат мали и за некого можеби и незначајни, меѓутоа јас силно верувам дека се значајни пред се за подигнување на хуманата свест кај граѓаните. Имаме голем број на граѓани кои сакаат да донираат и да помогнат. Со ова им овозможуваме полесно да ја реализираат донацијата. И понатаму ќе продолжиме во иста насока во соработка со институции, невладини организации, различни субјекти”, додаде Спасов.