Државниот секретар Хусејин во посета на општина Демир Капија


Државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика Енвер Хусејин во Демир Капија ги отвори Народната кујна и реновираната детска градинка “Борис Трајковски”. При тоа тој истакна дека Владата на Република Македонија презеде активности во насока на потпомагање на лицата во социјален ризик, за кои нема кој да се грижи, како и за лицата со нарушена здравствена состојба кои живеат во неповолни станбени и животни услови. 


“Во таа насока, Владата на Република Македонија се определи за политика на развој на социјалната заштита преку обезбедување на еден оброк за старите и возрасни лица изложени на социјален ризик. Министерството за труд и социјална досега има  отворено  46 народни кујни на територијата на Република Македонија, во кои се вклучени околу 4000 корисници. Зголемениот интерес на граѓаните за користење на народните кујни упатува на потребата од проширување од распространетоста на народните кујни во урбаните и руралните средини на територијата на Република Македонија”, рече државниот секртар во Министерството за труд и социјална политика Енвер Хусејин.       

 Инаку, проектот се реализира на принцип на партнерство и взаемна соработка помеѓу Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Неготино, детската градинка “Борис Трајковски” од Демир Капија  и локалната самоуправа на Општина Демир Капија, а вкупниот број на корисници кои ќе ги користат услугите на народната кујна во Општина Демир Капија  изнесува 13 лица.


Исто така, државниот секретар осврнувајќи се на зголемениот интерес за згрижување на децата во детските градинки рече дека Владата на Република Македонија донесе одлука за проширување на мрежата на јавните детски градинки, како и преадаптација на слободни простории во детски градинки и групи во други просторни услови во рурални средини. Зголемен интерес за згрижување и воспитание на децата од предучилишна возраст, беше покажан и во Демир Капија, па така, Општината ги адаптира и реконструира просториите во објектот, наменети за кујна, трпезарија, административната просторија, санитарните простории за децата и санитарната просторија за вработените, а министерството ја опреми кујната, во која ќе се приготвува храната за 60-тина дечиња.

 “За градежните работи, општината обезбеди 1.100.000,00 денари, а министерството за опремата во кујната издвои 938.310,00 денари (без ДДВ)”, рече државниот секретар на Министерството за труд и социјална политика, Енвер Хусејин.