Општина Дојран  доби врвна детска градинка

Mинистерот за труд и социјална политика Диме Спасов и градоначалникот на општина Дојран, Борче Стамов ја отворија Јавната општинска установа за деца-детска градинка „КОКИЧЕ“ во Дојран.

„Градинката ја опремивме со најсоодветна и модерна опрема и ги создадовме сите неопходни услови по сите современи стандарди за Општина Дојран да добие една врвна детска градинка со капацитет за згрижување до 50 дечиња. Општина Дојран до сега воопшто немаше посебна  градинка и со ова значително се подобрува квалитетот на услугите за децата од предучилишна возраст кои што ќе ги дава понатаму оваа Јавна општинска установа за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст. Инвестицијата на Mинистерството за труд и социјална политика е од пет милиони денари и е практично во насока на реновирање на овој објект. Имено, пред од прилика година и половина, кога бевме во посета на Општина Дојран го посетивме и овој објект кој што порано бил детско одморалиште и беше значително во руинирана состојба и немаше никаква употреблива вредност. Заедно со градоначалникот на Општина Дојран се договоривме Министерството за труд и социјална политика во наредниот период да инвестира, истото ветување им го дадовме и на граѓаните и практично од еден руиниран објект денес ова претставува еден модерен и современ објкт кој што ги исполнува сите стандарди“,рече Спасов.

Спасов изјави дека Министерството за труд и социјална политика ќе продолжи и понатаму со инвестиции кои се во насока на зголемување на капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст.

„Во соработка со Општините, имаме низа на инвестиции во југо-источниот регион на Република Македонија.Во завршна фаза е новата градинка во општина Василево исто така во завршна фаза е и градинката во Босилово.До сега отворивме и градинки во Богородица, Општина Гевгелија и разговарано е со градоначалникот на Општина Гевгелија да ги продожиме инвестициите во народниот период, за дополнително да ги зголемиме капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст.Исто така се планира и зголемување на капацитетите за згрижување на деца  и во Валандово, што е практично инвестирање во голем број на општини и не само во југо-источниот регион во Република Македонија туку и на целата територија на државата“, изјави Спасов.

„Со Општина Дојран воспоставивме соработка изминатиот период и отворивме дисперзирано одделение на Центарот за социјални работи со што практично ги доближивме услугите на Центарот за социјални работи до жителите на оваа општина и заштедивме значителни средства за да не мора да патуваат за да можат да остварат некое од правата на социјална и детска заштита. Ние и понатаму ќе продолжиме интензивна соработка во насока на надградување на постоечките капацитети“,заврши Спасов.