Усвоена Декларацијата за еднаквост и недискриминација “Да ги направиме еднаквите можности и недискриминацијата реалност” 

 

На денешната завршна конференција за проектот “Јакнење на капацитетите на државната и јавната администрација за спроведување на Националната стратегија за еднаквост и недискриминација по основ на етничка припадност, возраст, лица со ментална и телесна попреченост и пол”, во организација на Министерството за труд и социјална политика беше усвоена Декларацијата за соработка помеѓу институциите и нивно заедничко делување во полето на еднаквите можности, недискриминацијата и заштита на човековите права “Да ги направиме еднаквите можности и недискриминацијата реалност”. 




На конференцијата се обрати државниот секретар на Министерството за труд и социјална политика, Муедин Кахвеџи кој рече дека Владата на Република Македонија има јасна политичка определба за целосно признавање и промовирање на еднаквите можности на сите граѓани во нашата држава  како предуслов за одржлив развој, целосно уживање на човековите права и практикување на демократските вредности.

“Таа определба е изразена во Уставот на Република Македонија, во Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за еднакви можности на жените и мажите, стратегиите за еднаквост и недискриминација и за родова еднаквост, но и преку ратификување на голем број  на меѓународни конвенции и договори од областа на еднаквите можности, недискриминацијата и човековите права. Имлементација на овие национални и меѓународни документи во најголем дел зависи од капацитетите на институциите, политичките определби да ги пресликаат во политиките и праксата. Имајќи ја предвид комплексноста на тие процеси, обемот на обврски и задачи кои документите ги предвидуваат, Министерството за труд и социјална политика  ја увиде потребата пред сe од зајакнување на капацитетите на стручните лица во институциите на државата на централно и локално ниво, како и унапредување на соработката и координацијата помеѓу истите. Во таа насока беше и  овој проект”, рече Кахвеџи. 

Од мај 2012 година до денес во рамките на овој проект, беше спроведена 5-дневна обука за обучувачи од страна на Британски експерт. Во соработка со Британскиот совет изработен е и Водичот за спроведување на Националната стратегија за еднаквост и недискриминација кој е практична алатка наменета за стручната јавност за идентификување на случаите на дискриминација по различни основи и делување во случаи на дискриминација, како и за засегнатите страни коишто имаат потреба од заштита и од остварување на правото на еднаквост и на недискриминација. 

“Водичот се користеше и како дополнителна алатка во спроведувањето на обуките над 800 лица на државни и јавни службеници, на судската администрација, на социјалните партнери и на граѓанските организации за идентификување и за делување  во случаи на дискриминација. Со проектот предвидено беше  да се спроведе 31 обука, но интересот кај институциите резултираше со реализација на повеќе од 38 обуки. Сите учесници на крајот од завршувањето на овој проект ќе добијат сертификати. Исто така, во декември минатата година беше организирана и Национална конференција со претставници од надлежни судови, Комисијата за заштита од диксриминација, Народниот правобранител и Академијата за обука на судии, на која се детектираа пречките и проблемите во досегашната пракса и соработка и се предложија начини и мерки за унапредување”, заврши државниот секретар Муедин Кахвеџи.

На завршната конференција се обрати и директорот на Британски совет во Македонија Елеонора Запрова. 

Проектот “Јакнење на капацитетите на државната и јавната администрација за спроведување на Националната стратегија за еднаквост и недискриминација по основ на етничка припадност, возраст, лица со ментална и телесна попреченост и пол” го спроведуваше Британскиот Совет во Македонија, а истиот беше финансиран од Британската амбасада во Скопје.