Нова мерка за вработување на млади лица до 29 години    

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, на прес конференција за медиумите информираше за законските промени со кои се врши поттикнување на вработувањата на младите лица до 29 годишна возраст во приватниот сектор.



„Владата на  Република Македонија создава можности за младите. Тоа подразбира креирање на конкретни можности, при што се превземаат остварливи активности и мерки за намалување на невработеноста и подобрување на вработливоста на младите невработените лица. Периодот од 2006-та година до денес, го одбележа намалувањето на невработеноста која е конкретно изразена преку бројки и проценти. Во овие осум години како резултат на  овие политики се вработени околу 108.000 лица, или ако во 2006 година стапката на невработеност изнесуваше околу 38%, денес  таа изнесува 28,7%.“ рече Спасов.

Тој истакна дека прашањето за вработувањето на младите лица наметна носење на нови системски мерки за побрзо вклучување на младите на пазарот на трудот, како  и  обезбедување  на полесна транзиција на младите  од училиште на работа, усвојување на  првиот Акциски план за вработување на младите.
„Последна во низата мерки за поттикнување на вработувањето на невработени млади лица во Република Македонија која е всушност и препорака на меѓународната огранизација на труд, е ставање во законска рамка на можноста за ослободување од плаќање на социјални придонеси на работодавачите кои ќе вработат лице до 29 години, која беше усвоена од Собранието на Република Македонија.“ истакна Спасов.

Со оваа можност, работодавачите од приватниот сектор кои ќе вработат невработени лица до 29 години возраст со полно работно време, ќе биде ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и тоа:

-придонес за пензиско и инвалидско осигурување, 
-придонес за здравствено осигурување и 
-придонес за осигурување во случај на невработеност.
Ослободувањето од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување на месечна основа се однесува до просечна бруто плата за претходната година за период од 12 месеци, сметано од денот на вработувањето на  лицето. 

Доколку работодавачот исплати повисока бруто плата од просечната ќе треба да изврши доплата на придонеси од задолжително социјално осигурување само за разликата над просечната бруто плата.
Покрај ослободувањето од социјалните придонеси работодавачот е ослободен и од плаќање на персонален данок на доход за тоа лице, можност за што веќе постои законско решение. Вкупните ослободувања за работодавачите изнесуваат: 27 % по основ на социјалните придонеси и 10% персонален данок на доход, односно ослободување од 37%.

„Обврска на работодавачот е да го задржи лицето На работа дополнителни 12 месеци, по истекот на периодот во којшто е ослободен од плаќање придонеси од  задолжително социјално осигурување.
Особено битно е  да се истакне дека ослободувањето од плаќање на социјалните придонеси и персонален данок на доход важи и за самовработување на млади невработени лица до 29 години.  Услов кој треба да го исполнува работодавачот кој ќе вработи невработено лице до 29 години, е да нема намалување на бројот на вработените на неопределено време после 31.12.2013 до денот на вработувањето на новите работници за кои ќе важи оваа можност, се разбира освен во случаи на смрт или пензионирање или заради прекршување на Законот за работни односи од работникот.
Секој  Работодавач за да ја користи  оваа системска мерка, поволност и ослободување, треба само  да поднесе барање до Агенцијата за вработување за користење на оваа можност и бенефиција. 
Работодавачот кој неосновано, ќе го намали бројот на вработени во период од 24 месеци и ќе го откаже договорот за вработување со ангажираното лице, има обврска за плаќање на придонесите од задолжително социјално осигурување. Во случај на неосновано откажување на договор за вработување работодавачот е должен во рок од 15 дена да вработи друго невработено лице до 29 годинишна  возраст.“ рече Спасов.

Со законските измени системски се влијае  на поттикнување на вработувањето  на младите лица од една страна  а за работодавачите претставува големо олеснување и поддршка затоа што државата им ги намалува трошоците за ангажирање на работен кадар односно ги ослободува од трошоци кои можат да ги задржат и да ги употребат во друга функција за развој на бизнисот. 
Со овие Законските решенија ќе  се остварат позитивни ефекти и истите ќе стапат во сила набрзо по објавувањето во Службен весник.
„Сакам да истакнам дека законските решенија беа разгледани и усвоени од Економско социјалниот совет а се поддржани и од стопанските комори и бизнис заедницата, како и од младинските организации.

Целна група која може да се опфати со оваа мерка се околу 45.000 млади невработени лица до 29 години кои се наоѓаат на евиденција на Агенцијата за вработување, од кои 25.000 се изјасниле дека се активни баратели на работа и 20. 000 се изјасниле дека се пасивни баратели на работа. Оваа мерка не е изолирано решение, напротив се работи за еден системски потфат составен преку различни активни програми и мерки за вработување преку кои се опфатени  младите лица до 29 години  како што се: програма за самовработување, субвенционирање на вработувањето, практикантство, различни видови на обуки.

„Иднината на една држава ја засноваат младите луѓе. Тие се потребни овде, и Владата на Република Македонија ќе продолжи да им овозможува можности, преку кои ќе го реализираат својот животен сон.“ заврши Спасов.