Една давачка помалку за социјално ранливите категории

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски денес информираа за проектот ослободување од радиодифузна такса за корисниците на социјална парична помош. 

Министерот Спасов посочи дека Владата на Република Македонија и во иднина ќе посветува сериозно внимание на подобрувањето на условите за живот на граѓаните, чија помош од државата е најпотребна. Со таа намена беше и последниот пакет мерки.

“Денес со министерот Ивановски разговаравме на оваа тема, во однос на измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги кои ќе бидат предложени до Собранието на Република Македонија. Со нив 40 000 семејства-приматели на социјална парична помош и постојана парична помош, трајно се ослободуваат од обврската да плаќаат радиодифузна такса, што претставува една давачка помалку за нив”, истакна Спасов.

Откако ќе стапи влегувањето во сила на законот, Министерството за труд и социјална политика ќе доставува на месечна основа евиденција на приматели до ЈП Македонска радио телевизија, со цел да не бидат опфатени со плаќањето на радиодифузна такса.

“Оваа мерка заедно со промовираната отпис на заостанатите долгови на граѓаните приматели на социјална парична помош и постојана парична помош,претставува директна и недвосмислена подршка, која секако нема да запре овде”, истакна Спасов.

“Со мерките за вработување на корисници на социјална парична помош, потоа проектот заштита од енергетска сиромаштија, континуираното отворање на народни кујни, акцијата Се грижиме за топол дом, зголемувањето на паричните помошти и низа други проекти ја потврдуваат нашата заложба и порака до социјално ранливите категории на граѓани дека државата води грижа и нема да ги остави во немилост”,заклучи Спасов.