Министерот Ибрахими во работна посета Прилеп

Министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими при денешната работна посета на Прилеп најпрво ги посети таткото и синот од селото Локвица, Македонски Брод, сместени на хируршкото одделение во прилепската градска болница, кои беа повредени во пожарот во нивната семејна куќа кој се случи во средата околу полноќ.

Тој најави дека Министерството ќе помогне им помогне со еднократна парична помош, но и дека членовите на несреќното семејство ја имаат поддршката со која што им е потребна во овие тешки моменти.

“Ги посетуваме таткото и синот од семејството Смилески кои по катастрофалниот пожар се на лекување во прилепската болница. Дртугиот син поради сериозноста на пиовредите е сместен на клиниките во Скопје. МТСП во соработка со Центарот за социјални работи од Македонски брод веднаш на семејството Смилески ќе му додели еднократна парична помош од 30.000 денари. И градоначалникот на Македонски Брод ќе му излезе во пресрет на несреќното семејство. Мора да им помогнеме на луѓето, зашто ова што им се случи е голема трагедија при што имаше и жртва и сочувствувам со нив”, изјави Ибрахими.

Во посета на Смилески беа и градоначалникот на Македонски Брод Милосим Војнески кој најави исто така помош од 30.000 денари за семејството Смилески, како и директорите на центрите за социјална работа на Прилеп Снежана Јованоска и на Македонски Брод Жарко Ристески.

И Центарот за социјални работи од Македонски брод ќе направи се да му се помогне на семејството и покрај материјалната помош на семејството ќе му треба и психо-социјална поддршка што ќе ја добијат од стручниот тим на Центарот. Најстариот член на семејството, таткото Славко Смилески беше корисник на социјална помош и на надомест за нега. Неговата сопруга Лепосава загина во пожарот. Синот Томе е во прилепската болница, а постариот син Левко е сместен на Клиникте во Скопје, рече Ристески.

Работната посета на Прилеп министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими ја продолжи со посета на прилепското двочлено семејство Фирдеска и Сејдо Ќазимоски за да се реши нивниот проблем за остварување неколку вида на социјална заштита.

Имено, на Сејдо Ќазимоски поради гангрена пред речиси шест години му се ампутирани двете нозе. Со сопругата живее под кирија, без средства за живот, а проблемот настанал кога по последната лекарска контрола во октомври доцнеле наодот и мислењето од комисијата.

Според Ибрахими, на Ќазимоски мора веднаш да му се помогне за да ги оствари правата на постојана парична помош, со тоа и здравствената помош без партиципација, надоместокот за мобилност и за паричната помош за нега на друго лице.

“Го видов случајот Ќазимоски и лично се уверив во неговата состојба. Веднаш треба да се одобри социјалната парична помош и надоместокот за мобилност. Ќе испитаме до каде е со решението за мобилност за веднаш да се помогне. Тоа право Ќазимоски го остварувале во претходниот период, а сега ќе се ангажирам тоа право да се обнови. Навистина станува збор за тежок случај, за лице со хендикеп. каде, факт е, нема подобрување и треба да испитаме зошто не го остварува правото на мобилност со траен налог. Двочленото семејство Ќазимоски трајно ќе бидат згрижени со постојана парична помош и со надомест за мобилност бидејќи самата здравствена ситуација на Ќазимоски покажува дека тоа е неопходно. Со тоа ќе има право на здравствена заштита и да не плаќа воопшто партиципација”, изјави Ибрахими.

Директорот на Центарот за социјални работи на Прилеп, Снежана Јованоска, изјави дека согласно со Законот за социјална заштита ова семејство исполнува услови за повеќе права. Таа најави дека нивните активности ќе бидат насочени околу забрзување на добивањето на наодот за да може да се изготви решение и да оствари право на додаток за мобилност. Покрај ова, бидејќи двочленото семејство Ќазимоски не се материјално обезбедени и не се способни за работа, ги исполнуваат условите за правото на постојана парична помош. И ова право е поврзано со добивање наод и мислење од комисија и потребно е време.  Во меѓувреме, веднаш ќе биде доделена социјална парична помош, до моментот на остварување на постојаната парична помош. На семејството треба да му се исплаќаат: надомест за туѓа нега од околу 4 300 денари, додатокот за мобилност кој е 7.000 денари, а постојаната парична помош за самец е околу 4.200 денари. Во ваквите случаи многу е битно остварувањето право на здравствена помош. 

По ова следуваше посета прилепската фирма „Стара фурна“, изградена и ставена во функција во индустриската зона „Прилеп 1“, фирма за производство на леб која што ги проширила капацитетите и вработила нови лица преку владините програми за вработување. Фурната министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими ја посети заедно со директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Влатко Поповски.

“Последните години оваа фирма беше дел од владините мерки за вработување и е успешен пример како од нула се развива успешен приватен бизнис. Фирмата почна со еден, а сега има 39 вработени и поседува повеќе објекти. Компанијата „Стара фурна“ е вистински пример за да се развива сопствениот бизнис. Ова е показател дека оперативните планови и активните мерки на владата за вработување и намалување на невработеноста се успешни. Најавата за отворање 10.000 работни места, што се оперативни планови на владата за оваа година, ќе им помогне на многу компании да отворат работни места и да го прошират бизнисот”, рече министерот Ибрахими.

Компаниите, додаде, се веќе вклучени во низа мерки во оперативните програми.

“Но тука нема да застанеме. Се што може ќе им помогнеме на компаниите за пребродување на одредени тешкотии во бизнисот и унапредување на технологии кои им се потребни за развивање на бизнисот”, рече тој.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски, потсети дека е објавен 11 оперативен план за активни мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот, вреден над 870 милиони денари.

“Овој оперативен план е со поголема вредност од досегашните. Од 870 милиони денари, 74 милиони денари се директно од Европската Унија преку третиот грант за поддршка за вработување на млади до 29 години. Низ целиот оперативен план ги следиме сите бизниси што сме ги формирале за да формираме нови бизниси, да го поттикнеме претприемничкиот дух, а воедно да им помогнеме на тешко ранливите групи полесно да се вработат преку обуките со субвенционирано вработување или преку субвенцијата за условен паричен надомест која е наменета за граѓаните во директен социјален ризик”, рече Поповски.

Информира дека фирмата која ја посетија со министерот Ибрахими се формираше во 2012 година преку програмата за самовработување со еден вработен, со грант од 3.000 евра и обука.

“Низ годините ние го следевме, па минатата година компанијата „Стара фурна“ ја доби една од десетте награди за брзорастечки фирми, или таканаречени „Газели“ со што доби 10.000 евра и можност да вработи 4 лица. Се надевам дека сопственикот и годинава ќе учествува во дел од мерките за вработување, зашто имаме потреба од зачувување на трајните вредности, односно занаетите, истакна Поповски.

Сопственикот на компанијата „Стара фурна“ Владо Апостолоски нагласи дека сака да вработи уште 12 лица и да го зголеми производството.