Бањско климатска рекреација на корисници на пензија за 2018 година

Министерство за труд и социјална политика ги повикува заинтересираните лица корисници на пензија да се јават за користење на услугата бањско климатска рекреација.

Oваа услуга може да ја користат лица - корисници на старосна,  инвалидска и семејна пензија остварена според прописите на Република Македонија и одредбите од договорите за социјално осигурување коишто Република Македонија ги применува, а коишто живеат на територија на Република Македонија и правото на пензија го стекнале заклучно со ноември  2017 година.

Услугата може да се користи еднаш, во период од март до ноември 2018 година, во траење од 7 дена. Услугата на бањско климатска рекреација опфаќа:

- 6 полни пансиони (ноќевање со три оброка дневно),

- бањска терапија,

- еден задолжителен здравствен преглед, и

- трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта од местото на живеење на корисникот до установата во којашто ќе се користи услугата на бањско климатска рекреација (трошоците  за превоз ќе бидат дозначени на трансакциската сметка на корисникот на пензија по користење на услугата).

Лицата корисници на пензија коишто користат и паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додаток за мобилност или слепило имаат право на придружник за време на бањско климатската рекреација.

Услугата на бањско климатска рекреација се остварува во правни лица регистрирани за вршење на услуга за бањско климатско лекување со коишто Министерството за труд и социјална политика ќе склучи договор.

Услови за користење на услугата и бодирање:

Услугата може да ја користат корисници на пензија на кои износот на пензијата за ноември изнесува до 17.000 денари.Бодирањето ќе се врши зависно од висината на пензијата од 1 до 100 бода, при што понискиот износ на пензија ќе има повеќе бодови. Доколку корисникот на пензија користи и дел од пензија којашто се исплатува од друга држава при бодирањето ќе се земе во предвид и износот на пензијата која се исплатува и од другата држава.

Потребни документи коишто корисникот на пензија треба да ги достави за користење на услугата:

За користење на бањско климатската рекреација потребно е да се поднесе барање до филијалата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, според местото на живеење на корисникот на пензија. Барањето го издава подрачната единица на Фондот. 

Доколку корисникот на пензија користи и дел од пензија којашто се исплатува од друга држава, задолжително треба да се достави и потврда/чек од банката за месечниот износ на пензијата.

Корисниците на пензија кои во  2010, 2011, 2012, 2013, 2014, 2015, 2016 и 2017 користеле услуга за бањско климатска рекреација или бесплатен туристички викенд, не  може да ја користат услугата на Бањско климатска рекреација во 2018 година.

Барањата ќе можат да се поднесат до 16-ти февруари  2018 година. 

Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, задолжително писмено ќе  го известат подносителот на барањето за установата во којашто ќе биде упатен и  периодот на користењето на услугата.Списоците на корисниците на пензија на коишто им е одобрено користење на услугата за бањско климатска рекреација ќе бидат објавени во филијалите на Фондот, како и на web страната на Министерството за труд и социјална политика  www.mtsp.gov.mk и на web страната на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија www.piom.com.mk.

 

Процедура за реализација на проектите користење услуга на бањско климатска рекреација на корисници на пензија за 2018 година и користење на бесплатен туристички викенд за пензионери за 2018 година

 

Барање за користење на услуга

Бодови согласно висината на пензијата

Изјава за странска пензија

Процентуална застапеност на корисници на пензија по филијали