Состанок на Заедничкиот консултативен комитет на граѓанското општество на Европската унија и Македонија
Министерот за труд и социјална политика, г. Џељаљ Бајрами, денеска во рамките на вториот состанок на Заедничкиот консултативен комитет на граѓанското општество на Европската унија и Република Македонија имаше свое излагање на тема „Моменталната состојба на Република Македонија на патот кон Европската Унија“.

Министерот Бајрами, како и на првиот состанок, што се одржа во Брисел во септември 2009 година, потенцираше дека непосредна цел на Република Македонија, како земја кандидат, е што побрзо започнување на преговорите за членство во Европската унија.
“Владата на Република Македонија својата позиција во процесот на пристапувањето во Европската унија ја гради врз основа на политичката посветеност и исполнетите заложби коишто произлегуваат од Копенхагенските критериуми, како и континуираниот дијалог и јакнење на партнерството со институциите на Унијата и нејзините земји членки“ изјави министерот Бајрами.
Пораките упатени на денешниот состанок на Заедничкиот консултативен комитет, на кој учествуваа и Н.Е. г. Ерван Фуере, шеф на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија и специјален претставник на Европската унија, г. Васко Наумовски, вице-премиер за европски прашања, г-ѓа Владимира Дрбалова, со-претседател на Заедничкиот консултативен комитет, и г. Сашо Клековски, со-претседател на Заедничкиот консултативен комитет, се однесуваа на постојаното јакнење на соработката со граѓанскиот сектор како и нивно сослушување при носењето закони и одлуки кои ги засегаат правата на граѓаните. Воедно, се порача и имплементација на препораките од Евроската унија во оваа сфера со цел Република Македонија да ги достигне евроспките стандарди, а со тоа и да го забрза процесот на пристпување кон Унијата.
Во таа насока, министерот за труд и социјална политика истакна дека донесувањето на Акцискиот план и неговото следење заклучно со декември 2009 година имаше за цел да обезбеди континуитет во реформските процеси, особено во реализацијата на приоритетите од Партнерството за пристапување до завршувањето на ревизијата на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ за 2010 година.
„Националната програма за усвојување на правото на Европската унија претставува сеопфатен програмски документ којшто ја дефинира динамиката на усвојувањето на правото на ЕУ за 2010 и ги поставува стратегиските насоки во процесот на европската интеграција, примената на политиките на ЕУ, реформите, структурите, ресурсите и роковите што треба да се реализираат со цел Република Македонија да ги исполни бараните услови“ изјави Бајрами .
На крај, министерот за труд и социјална политика изрази искрени очекувања од работата на Заедничкиот консултативен комитет кој преку својата работа треба да ги следи прашањата од областа на економската и социјална сфера кои се поврзани со Договорот за стабилизација и асоцијација и Партнерството за приближување со Република Македонија.
„Имено, очекуваме, Заедничкиот консултативен комитет да овозможи и организациите на граѓанското општество од двете страни да го набљудуваат патот на Република Македонија кон Европската Унија. На овој пат кон Европската унија сите заеднички треба да работиме“, рече Бајрами.
Во продолжение на текстот, интегрално Ви го презентираме говорот на министерот Бајрами. |